Граѓански организации бараат одговорност од институциите за насилство во Тафталиџе

Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство бара итна, темелна и независна истрага за трагедијата што се случи вчера во скопската населба Тафталиџе, каде животот го загубија триесет и едногодишна мајка и нејзината шестгодишна ќерка.
„Според сведоштвата на најблиското семејство, мајката подолг период била жртва на семејно насилство кое било пријавувано во надлежните институции. Доколку се потврди дека институциите имале сознанија, а не презеле соодветни мерки за заштита, бараме со име и презиме да се утврди одговорност кај сите службени лица – од Министерството за внатрешни работи, центрите за социјална работа, јавното обвинителство и сите други надлежни институции“, посочува мрежата на здружени организации.
Мрежата бара истрага за постапувањето на сите институции во случајот во Тафталиџе, вклучително и проверка дали постоеле пријави и сознанија, но и дали се преземени мерки. Понатаму, бара суспензија на сите службени лица вклучени во постапување, сѐ до завршување на истрагата.
„Бараме соодветни санкции, вклучително и кривична одговорност и затворски казни за службени лица од МВР, центрите за социјална работа, јавното обвинителство и сите други надлежни институции каде што ќе се утврди дека морале, а не презеле мерки за заштита и/или дека пропустот придонел за фатален исход. Бараме најстроги казни за сторителот на насилство. Бараме итна ревизија на проценките на ризик и механизмите за заштита на жртвите на семејно насилство, како и на практиките за форензичко постапување и истраги во случаи на сомнителна смрт. Животот на жените и децата не смее да зависи од тоа дали системот ќе ја препознае опасноста дури откако трагедијата веќе се случила“, се вели во реакцијата за случајот што влезе во фокусот на јавноста.
Според Мрежата, оваа трагедија не е изолиран случај. Само во 2026 година, велат организациите, веќе се изгубени четири животи како последица на родово базирано и семејно насилство.
„Според податоците на Еуростат за 2023 година, Македонија е меѓу земјите со највисока стапка на фемициди во Европа што е алармантен показател дека системот за заштита не функционира ефикасно. Пред само еден месец предупредивме дека новата година започна со загрижувачки пораст на случаи на семејно и сексуално насилство врз жени и деца. Ова што го гледаме не се изолирани инциденти ова е образец. Образец на недоволна превенција, задоцнети институционални реакции, слаба проценка на ризик и недоволна заштита на жртвите“, велат тие.
Наместо системот да обезбедува навремена заштита, третман и санкционирање на сторителите, според мрежата, сведочиме на пропусти што ја одржуваат и продлабочуваат културата на неказнивост.
„Законите постојат, но нивната примена е недоследна и недоволна. Поради тоа жртвите остануваат без соодветна поддршка и заштита, додека насилниците продолжуваат неказнето да ги загрозуваат нивните животи“, констатираат од Мрежата, на чие јавно соопштение се приклучени 23 организации.
Инаку, случајот во Тафталиџе поттикна лавина од реакции во јавноста. Против Стојанче Јовановски, сопругот и татко на жената и девојчето кои вчера го загубија при пад од зградата, во Обвинителството немало пријави за семејно насилство, туку постапка за поседување дрога и напад на службено лице.
Според првичните сознанија, во моментот на настанот, починатата и малолетното девојче биле сами во станот, заклучени од внатрешната страна. Денеска по наредба на јавниот обвинител се вршат распити на повеќе лица кои имаат определени сознанија, се врши екстракција на податоци од телефони и се обезбедуваат снимки од видеонадзор и други снимки од неколку локации.






