Промоција на сликовница „Македонките во битка – вистински приказни“

Музејска едукативна сликовница „Македонките во битка – вистински приказни“, од авторките Ана Вишинова, музејски едукатор, и Даниела Митевска, кустос, ќе биде промовирана денеска напладне во Музејот на македонската борба за самостојност.

– Посветена е на македонските жени – ајдутки, комитки и партизанки, жени кои никогаш не биле пасивни набљудувачи на историјата, туку активни учесници во борбата за човекови права и слобода. Сликовницата ја става во фокусот улогата и значењето на жените, која не се сведува само на убавина, истрајност, пркос и храброст, туку и на нивната способност да се вклучат во борбата и да влијаат врз клучните цивилизациски процеси, информира Музејот на македонската борба за самостојност.

Изданието е инклузивно четиво на македонски и англиски јазик наменето за збогатување на дополнителните материјали за наставата по историја. Продолжение е на претходните изданија „Зад големата мисла“ (2019), посветена на создавањето на МРО, и „Пламен и непокор“ (2022), посветена на Илинденското востание.

Проектот е дел од годишната програма за остварување на националниот интерес во културата на Министерството за култура и туризам за 2025 година

Back to top button
Close