СДСМ бара оставка од Тошковски поради системски пропусти во случајот со мајката која со детето падна од балкон
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) бара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски поради, како што велат, системските пропусти кои не успеале да ја превенираат трагедијата во скопски Карпош, каде што 31-годишна жена и нејзиното шестгодишно дете паднаа од балкон.

Покрај оставка од Тошковски, од „Бихаќка“ бараат и соодветна истрага која со име и презиме ќе утврди одговорност кај сите службеници од МВР, центрите за социјални работи и кај сите останати институции кои биле надлежни да реагираат на околностите на семејно насилство на кои била изложена жената изминатиот период.
„Трагедијата во скопската населба Карпош, каде трагично згаснаа два животи на мајка и дете, покажа сериозни пропусти на институциите за заштита од семејно насилство. Две години пријавувано семејно, физичко и психичко насилство. Дури 12 пријави имало за сопругот, кој имал и други обвиненија, а последниот случај му била најдена и дрога. Институциите биле алармирани, било пријавувано, имале сознанија, имало индиции за ризик и со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите. Потфрли Панче Тошковски, потфрли МВР, потфрлија Центрите за социјална работа, целиот институционален, државен систем“ се вели во соопштението од опозициската партија.
Оттаму, во истиот контекст, потсетуваат на случајот во Велес, каде што млада жена и нејзиниот татко во септември лани беа убиени од поранешниот партнер на девојката. Таа пред настанот, повеќепати го пријавувала во полиција за различни дела, а против него биле покренати постапки од страна на Обвинителството.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство.За сите овие институционални пропусти мора да има одговорност. Проблемот почнува од врвот! Сега Тошковски се сети да праќа телеграми, кога на некој му стигнуваат телеграми со сочувство? Требаше досега нешто да преземе. Одговорноста е кај оној што го води системот и не може да биде префрлена на некој друг. Единствена телеграма сега што треба да ја прати е неговата оставка“велат од СДСМ.
Министерот за внатрешни работи вчера најави дека сите полициски службеници во државата ќе добијат телеграма со јасни насоки како да постапуваат при сомнежи за семејно насилство.
Во врска со настанот кој предизвика бран реакции во јавноста, од Либерално-демократската партија, исто така, велат дека се сериозно загрижени за „институционалната неодговорност и непреземањето мерки за превенција и спречување на фемицидот и семејното насилство“.
Оттаму посочуваат дека државата и институциите немаат веќе време за префрлање на одговорноста и за административни изговори, и оти е потребно веднаш да се преземат конкретни чекори за справување со семејното насилство.
Тамара Гарческа од ЛДП во изјава за медиумите потсети на предлог-законот поднесен од партијата кој предвидува воведување електронска нараквица за следење на сторителите на семејно насилство.
„Уште колку смртни случаи треба да се случат за пратениците во Собранието да сфатат дека предлог-законот на ЛДП за воведување електронска нараквица за следење на насилниците не е повеќе опција, туку е обврска? Како држава која ја ратификувала Истанбулската конвенција, Македонија има јасна задача: превенција, заштита, санкција. Не само декларативно, туку и реално. Нулта толеранција значи нула оправдувања. Јавноста е гневна – и со право. Бараме темелна истрага. Бараме целосно расчистување. Бараме одговорност со име и со презиме. Животот на жените не е статистика. Безбедноста не е привилегија“,вели Гарческа.
Основниот суд, на предлог на Јавното обвинителство, му одреди краткотраен притвор од 48 часа на Стојанче Јовановски, сопруг на 31-годишната жена која заедно со нивното шестгодишно дете падна од балкон во скопската населба Карпош.
Јовановски се сомничи за кривичните дела наведување на сторување самоубиство, нанесување телесни повреди и загрозување на сигурноста.
Мерката краткотраен притвор, како што посочуваат од Обвинителството, е за обезбедување докази во однос на сомненијата и за да се извршат вештачења, анализи на камери, известувања од претрес и други дејствија.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера на прес-конференција информира дека Јовановски е задржан во полициска станица по трагичниот настан во скопско Тафталиџе и оти досега ѝ бил познат на полицијата по дела поврзани со насилство и други криминални активности.
Како што појасни министерот, пред падот имало расправија меѓу сопружниците и интервенција на полицијата по пријава за насилство. Сепак, како што рече тој, кога полициските службеници пристигнале на местото, жената изјавила дека немало физички контакт меѓу неа и сопругот и оти се работело за недоразбирање за кое таа нема да бара процесуирање на пријавата.






