Остра дебата и обвинувања во Собранието околу цената на струјата и Деловникот – Мицкоски одговараше наместо Божиновска
Отсуството на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, од денешната собраниска седница на која се поставуваа опозициски пратенички прашања, беше повод во законодавниот дом да се развие остра дебата помеѓу пратеници од Левица и премиерот Христијан Мицкоски.

Караницата почна откако пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, постави прашање наменето за Божиновска, но бидејќи таа не присуствуваше на седницата, одговор требаше да даде заменик-министерот Мирослав Лабудовиќ, но текот се смени откако премиерот рече дека тој ќе одговара.
„Денеска нема да зборуваме за тарифи, блокови, формули кои Регулаторната комисија за енергетика не ги објавува јавно и не кажува по која методологија е стигнато до нив за да ја пресметува цената на електричната енергија. Ќе зборуваме за одговорноста за високата цена на електричната енергија односно кој ја сноси таа одговорност“рече Исмаил.
Исмаил образложи дека производната цена на струјата за ЕСМ е 103 евра за мегават-час, а на „ЕВН хоум“ ја продава за 65 евра, која, пак, на граѓаните во првиот блок им ја продава за 72 евра.
Тој побара одговор зошто постои РКЕ освен како тампон-зона меѓу извршната власт и јавноста за амортизирање на одговорноста за катастрофалната енергетска состојба во земјата.
Откако спикерот Гаши го повика заменик-министерот за енергетика Мирослав Лабудовиќ да даде одговор, беше прекинат од најавата дека на прашањето ќе одговара премиерот Христијан Мицкоски.
Додека Мицкоски се обидуваше да одговара, во собраниската сала пратеникот Ислмаил дофрлуваше дека прашањето не е за него, туку за министерката. На ова спикерот Гаши рече дека не може пратеникот да одреди, туку претседателот на Владата е тој што одлучува одлучува кој ќе одговори.
„Сме имале вакви практики кога се одлучува кој ќе одговори во име на Владата“рече Гаши.
По ова Мицкоски рече дека нема да го тужи пратеникот затоа што бил „навикнат на таков тип обвинувања, лаги и измислици“.
„Мене ми е жал што пратеникот поставува прашање, а не е тука за да одговори и со навреди, пцовки во знак на револт, чии гестови се во опсервација на некоја друга институција, а не на Собранието, можеби би било соодветно“,рече Мицкоски.
Во одговорот на прашањето Мицкоски рече дека она што го слушнал е целосно непознавање на материјата.
„Она што мене најмногу ме загрижува е што ја градат својата политика на популизам и секогаш спротивно на тоа што го прави мејнстрим политиката, но овој пат влезе во навистина тешки води и ја обвини Владата зошто ги субвенционира сметките за електрична енергија на граѓаните“,рече Мицкоски.
Тој во одговорот го обвини Исмаил дека бара граѓаните да плаќаат повисоки сметки за струја со тоа што прашал како производната цена на струјата на ЕСМ изнесувала 103 евра за мегават-час, а таа преку дистрибутерот на граѓаните им ја продава за 65 евра.
„Тоа што директно го поставувате како прашање значи дека вие барате најмалку двојно да биде покачена цената на електричната енергија за граѓаните и оние компании што добиваат од ’ЕВН хоум’“одговори Мицкоски.
Тој рече дека е загрижен за некултурата и ниското демократско ниво од пратеникот и „немањето стомак“ да се слушне она што Владата може да го каже.
Процедурално за збор се јави координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, кој рече дека кога станува збор за институтот пратенички прашања, мора до крај да се почитува Деловникот.
Цитирајќи член од Деловникот, Спасовски рече дека спикерот нема право да дозволи одговор од претседател на Влада ако прашањето е поставено за член на Владата, но обратно може.
На ова Гаши одговори дека ако се следи духот на Деловникот, неговата суштина е да се одговори на најдобриот начин.
И координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, се вклучи во дебатата околу примената на Деловникот, велејќи дека не очекувал оти ќе дебатираат за ваква тема и оти се реагира затоа што претседателот на Владата ќе одговарал на прашања наместо министерката.
„Претседателот на Владата е тој што ги води седниците и ја води насоката во сите сектори во државата. Треба да сте среќни што ви одговара првиот човек на Владата. Вие не сакате прашања, сакате сеење на магла“рече Мицевски.
…






