ЦСР Скопје му сокри на министерот за социјална политика Фатмир Лимани дека две социјални работнички биле на Дигестивна хирургија откако Стојанче Јовановски ја турнал Ивана по скали
Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани испратил допис до редакцијата на „Слободен печат“ по повод трагедијата во скопски Карпош, каде поради институционална негрижа, непрепознавање и непревенирање на семејно психичко и физичко насилство и неспроведување на проценка на ризик на жртвите, животите ги загубија Ивана Стојановски и нејзината ќерка Катја со пад од балкон на зграда.

За ова осомничен е сопругот со кој Ивана била во бракоразводна постапка Стојанче Јовановски, човек кој повеќе години ја тепал, постојано бил пријавуван, а освен тоа имал и 10 кривични пријави меѓу другото и за поседување дрога. Од обраќањето на министерот за социјална политика Лимани евидентно е дека Центарот за социјални работи Скопје, сокрил дури и од него, дека две социјални работнички на 19 јануари 2026 година дошле на Клиниката за дигестивна хирургија во Скопје, откако Стојанче ја турнал тогаш хоспитализираната Ивана по скалите, по што таа паднала во бесознание.
Во самиот инспекциски надзор кој беше вршен врз ЦСР Скопје, овој настан не бил ниту евидентиран како постоечки.
-Во однос на извршениот инспекциски надзор, неправилностите кои се констатирани се однесуваат на пропуст во делот на остварување на непосреден контакт со жртвата, односно вршење на непосреден увид во домаќинството, иако стручните работници телефонски и административно контактирале со жртвата со закажана средба помеѓу жртвата и стручниот работник од центарот – напишал министерот.
Обраќањето на министерот Лимани во целост прочитајте го тука






