„Обратното членство“ пропадна. Дајте друга идеја!

Македонските власти немаат некоја посебна идеја за развој на настаните околу проширувањето на ЕУ. Тие како да мислат единствено да се поклонуваат пред тотемите што самите ги изградија во себе..
Љупчо Поповски
Прво, една епизода за тотемот на македонските власти и периметарот во кој ние, наводно, вршиме. Се работи за анкетите и дали еден политичар секогаш треба да се води од нив. Тотемот, се разбира е Доналд Трамп, и еманирањето на неговите политики, меѓу кои е и најновата, која е на устите на целиот свет – војната против Иран.
Анкетата на Ројтерс/Ипсос од минатата недела покажа дека само еден од четворица Американци ги поддржува ракетните напади на Иран, што е само 25 отсто.
Трамп ја отфрли оваа и другите анкети кои покажуваа слични резултати на ниско одобрување кај Американците за воената операција на САД во Иран, велејќи дека јавното расположение всушност го одразува спротивното.
„Мислам дека анкетите се многу добри, но не ми е гајле за анкетите. Морам да го направам правилното. Морам да го направам правилното. Ова требаше да се направи одамна“, рече Трамп во интервју за „Њујорк пост“ објавено во понеделникот.
„Не мислам дека анкетите се ниски“, изјави тој за весникот. „Видете, без разлика дали анкетите се ниски или не, мислам дека анкетите се веројатно во ред. Но, не е прашање на анкети. Не можете да дозволите Иран, кој е нација што ја водат луди луѓе, да има нуклеарно оружје“.
Трамп е необичен политичар, многу често избувлив и непредвидлив. Но ако тој е тотемот околу кој се собираат сегашните македонски власти можеби можат нешто да научат или да прифатат од него. На пример, како овој случај. Во Македонија како мантра се повторува дека 60 и нешто од граѓаните се против промената на уставот и внесување на Бугарите во него за да се излезе од европскиот ќор-сокак. А во исто време, последната анкета на Институтот за демократија покажа дека 71 отсто од граѓаните го поддржува членството во ЕУ, што претставува зголемување од речиси 10 проценти во споредба со претходната година. Особено е забележително што има изразен пораст кај етничките Македонци. И уште позабележително што 70 отсто од симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ го поддржуваат членството во ЕУ.
Како да се допре тотемот
Што би можел да каже премиерот Христијан Мицкоски за ваквата промена на расположението, наместо постојано да повторува за тоа колку Македонците биле против промена на Уставот и додека е тој премиер таква работа нема да се случи (освен ако не се добијат гранитни европски гаранции и ако Бугарија не исполни некои од пресудите на Судот за човекови права во Стразбур).
Бидејќи анкетата е дијаболична – ем големото мнозинство е за ЕУ ем значаен број граѓани е против менување на Уставот, Мицкоски би можел да го допре тотемот (Трамп), кој изјавуваше пред една година дека тој е претседател на мирот, дека нема да почнува војни, па дури и формира Одбор за мир, а сега немилосрдно го ракетира Иран, и премиерот да го изјави ова.
„Мислам дека анкетите се многу добри, но не ми е гајле за анкетите. Морам да го направам правилното. Ова требаше да се направи одамна“, може да каже Мицкоски, велејќи дека попусто се загубени четири години од францускиот предлог. И да додаде:
„Не мислам дека анкетите се против. Видете, без разлика дали анкетите се против или не, мислам дека анкетите се веројатно во ред. Граѓаните сакаат да влезат во ЕУ. Но, не е прашање на анкети. Не можете да дозволите Македонија да остане заглавена на Балканот без иднина додека другите одат напред. Време е за ‘епска одлука’ и за промена на Уставот“.

Тоа би можел да го каже Мицкоски ако го допре тотемот Трамп. Но тотемите се наменети главно за поклонение и култ, тие не еманираат совети и политички одлуки. Мицкоски треба да се обрати кон тотемот што е внатре во него и да расчисти со заблудите и „херојството“ ако може да го види тоа во неговиот внатрешен хоризонт.
Една од тие заблуди, која не е поттикната од овде, но премолчено прифатена како можно решение за нашите европски маки, беше идејата што се тркалаше последниве месеци, главно од Европската комисија, за некакво „обратно членство“ во Унијата без право на глас. Таквата идеја е дел од општиот бреинсторминг како да се најде решение за разорената од војна Украина, а заедно со неа и за земјите од Западен Балкан. Таа идеја беше закопана уште пред да добие сериозен третман на една вечера во средата на која десната рака на Урсула фон дер Лајен и нејзин шеф на кабинетот, Бјорн Зајберт, им ја претставуваше на амбасадорите на земјите членки на ЕУ.
Неколку клучни главни градови веќе го координираа својот цврст став за пристапувањето на Украина во ЕУ и други земји пред вечерата на која Зајберт го изложил размислувањето на Комисијата за механизмот за обратно проширување.
Обратното проширување подразбира доделување членство, а потоа и прогресивно градење привилегии. Тоа беше една од четирите опции што ги циркулираше Комисијата пред вечерата во средата.
„Готово е“
Еден дипломат ја опишал за „Политико“ атмосферата на вечерата како „нормална“, но дека пораката од главните градови била директна. „Готово е. Обратното проширување не води никаде“, изјавил друг дипломат, сугерирајќи дека Зајберт можеби ќе мора да ја преиспита централната идеја на Комисијата.
Други дипломати велат дека оние од Комисијата што ја промовирале идејата за обратно проширување „создадоа лажни надежи. Сега мора да го исправиме тоа и да им кажеме: Па, всушност, ова обратно проширување е мртво при пристигнувањето“.
Ден пред таа вечера Ројтерс го најави нејзиниот исход. Новинарите на агенцијата разговарале со осум европски дипломати и функционери, а многумина посочија на нелагодност во престолнините на ЕУ во врска со идејата. Владите на ЕУ – вклучувајќи ги и силните земји Франција и Германија – приватно изразија скептицизам во врска со спорната реформа на процесот на пристапување што би го скратила патот на Украина кон членство, изјавија дипломатите за Ројтерс. Меѓу нивните загрижености е дека Украина и другите нема да продолжат со реформите, како што е сузбивањето на корупцијата, ако веќе добиле членство во ЕУ.
Нацрт-заклучоците за Европскиот совет на 19 март – кои веќе почнаа да циркулираат – се однесуваат и на спорот за заемот за Украина сега блокиран од Унгарија и на дебатата за проширување. Првичните нацрти сугерираат дека од лидерите се очекува да го поддржат традиционалниот пристап на блокот кон пристапувањето базиран на заслуги на следниот самит на ЕУ, зајакнувајќи ја преференцијата на главните градови за постојната рамка.
Од регионов најзагреани за таа идеја беа Србија и Албанија, додека Црна Гора, која е отидена најдалеку во преговорите, е против членство во ЕУ без право на глас. Молдавија, исто така, беше расположена за оваа идеја, додека Македонија немаше јасно дефиниран став.
Новиот холандски премиер Роб Јетен, кој беше на визита за запознавање во Брисел во вторникот и се сретна со сите клучни луѓе, го нагласи воздржаниот тон. Таа воздржаност беше учтиво изнесување на противењето. „Ние сме многу отворени за да разгледаме поширока поддршка“, им рече тој на новинарите во еден ден исполнет со состаноци. „Но, премногу брзо движење, мислам, не е начин да се движиме напред“. „Во моментов не е можно да се одреди датум за проширување со Украина“, додаде тој, ветувајќи континуирана општа поддршка.
Претходно германскиот канцелар Фридрих Мерц истури ладна вода врз надежите на Киев за приклучување до 2027 година. Австрија, Шведска и Франција, исто така, ја нагласија условеноста пред брзината.
На прашањето на „Политико“ зошто Зајберт беше на амбасадорскиот состанок, а не комесарката за проширување Марта Кос, еден дипломат се пошегува: „Знаеме дека Комисијата е пирамидална. Корепер не сака да губи време. Треба да разговара директно со Бога“.
Кос во средата беше во Берлин, каде што ја бранеше потребата од ново размислување за проширувањето на средба со министерот за Европа, Гинтер Крихбаум, и одржа предавање од затворен тип во Германскиот совет за надворешни работи. Сегашниот модел датира од пристапувањето на Шпанија и Португалија пред повеќе од 40 години и беше „дизајниран за стабилен свет базиран на правила што повеќе не постои“, рече Кос, но нагласи дека кредибилните реформи остануваат во центарот на процесот.
Во Македонија не сакаа премногу да се зборува за таа идеја за обратно проширување, затоа што државата ќе нема право на глас, а сепак ќе треба да ги направи уставните измени претходно.
Знамето ќе се вееше, но каде
Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за Канал 5 направи сопствено распоредување по групи кое е поинакво од она за кошето се зборуваше во Брисел и рече: „Постои идеја што добива на интензитет во Брисел, а која го зема предвид мировниот план на Украина, во кој интеграцијата на земјата во ЕУ би се забрзала, со цел идна реконструкција. Ова би било непринципиелно кон Западен Балкан и за ова постојат две сценарија. Првото сценарио е Украина, заедно со Црна Гора, Албанија и Македонија, да се приклучат кон ЕУ на почетокот на 2027 година, но без право на глас, што значи да учествуваат во активностите на Советот, Комисијата, сите тела и поврзаните контролни механизми. Оваа интеграција би се случила во 2027 година. Втората опција е да се приклучат и други земји од регионот – Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Молдавија“.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова рече дека го слушнала тоа од европскиот известувач Томас Вајц, но дека има „меморија и дека повеќепати досега слушнала за вакви моментуми за влез во Унијата“. Таа рече дека не може да коментира идеи, а сегашната состојба е дека според актите на ЕУ земјите членки имаат и статус и право на вето. Таа сметаше дека по сѐ што направивме на тој пат заслужуваме и „нас да нѐ прашаат за модалитетите за прием во ЕУ, бидејќи вака не е сериозно“.
Премиерот Мицкоски во истото интервју изјави дека македонското знаме ќе се веело во Брисел во 2027, затоа што ќе сме станеле членка на ЕУ на овој или на оној начин. Од тие надежи изгледа веќе нема ништо. Сега во некаква потрага по „спас“ ќе чекаме нови идеи. Такви се раѓаат, но и брзо умираат. Но од комбинирањето на неколку од нив може на крајот да се развие нешто. Иако тоа е премногу кондиционално.
Комисијата, според она што прв го дозна „Еурактив“, се залага за три главни опции за иднината на политиката на проширување. Првата би го оставила сегашниот систем непроменет, задржувајќи ги Албанија и Црна Гора како фаворити, со цел да се приклучат пред крајот на политичкиот мандат на ЕУ во 2029 година.

Според втората опција, позната како „постепена интеграција“, земјите-кандидатки би се придружиле на повеќе иницијативи и програми на ЕУ без формално да влезат во блокот, оставајќи ја пречката за ратификација низ сите 27 главни градови за подоцна. Експертите го гледаат ова како подобра опција. Но, тоа би ги разочарало земјите како Украина.
Третата опција – најрадикалната – е она што шефицата за проширување Марта Кос го нарекува „фазна интеграција“, заменувајќи го апсурдно звучното „обратно проширување“. Според овој пристап, земјите би добиле брз формален влез, договорен од сите 27 земји, а потоа би ги достигнале реформите подоцна. Но ратификацијата ќе стане посложена, со растечката крајна десница во Европа. Некои дипломати велат дека протекувањето на идејата за обратното проширување помогнала да се стимулира проектот во развивање.
Црна Гора е сама напред
Додека чекаме што ќе произлезе од обратното проширување (а не излезе ништо) или од трите други можни правци, македонските власти покрај анкетата на нашиот Институт за демократија треба да ги погледаат и најановите бројки од Евробарометарот кои покажуваат дека повеќето граѓани на ЕУ го поддржуваат понатамошното проширување, со особено силна поддршка кај помладите Европејци. Тоа сугерира дека проширувањето ја вратило легитимноста во земјите на ЕУ. Граѓаните на ЕУ имаат тенденција да го поддржат проширувањето кога е конзистентно, постепено и засновано на демократски реформи.
Оваа промена во јавното расположение е важна. Изгледа дека тоа во регионов најдобро го разбра Црна Гора. Оваа недела на состанокот на делегацијата на Европскиот парламент за соработка со Црна Гора која беше во Подгорица. функционерите од Директоратот на ЕУ за проширување изјавија оваа земја е најнапредната меѓу кандидатите во спроведување на реформската агенда во рамките на инструментот за раст на Западен Балкан. За Црна Гора 2026 е клучна година, затоа што ќе одбележува 20 години од независноста, а ќе биде домаќин на самитот ЕУ-Западен Балкан во јуни и самитот на Берлинскиот процес на есен. Наскоро се очекува бројот на привремено затворени поглавја да стигне до 14. ЕУ сака барем еден успех во проширувањето во блиско време, па затоа и влијателниот претседател на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер беше во Црна Гора пред десетина дена за да ја подготви средбата на парламентарците и да им порача на црногорските власти да не запираат со реформите кога членството е толку блиску.
Големо, навистина големо прашање е дали освен љубопитност и бегла заинтересираност (а можеби и љубомора) има некаков одраз кај македонските власти за ваквиот развој на настаните. Или само ќе чекаат уште некоја нова идеја за предвреме да кажат дека македонското знаме ќе се веело пред ЕУ во 2027. Или ќе продолжат да се поклонуваат пред тотемите што самите ги изградија во себе.






