За шест години, над 600 деца биле силувани или полово нападнати – најмалата жртва била помала од три години
Поразителни бројки за сексуална злоупотреба покажуваат наодите од анализата на Народниот правобранител за сексуална злоупотреба на деца.

Над 600 деца, најмногу од нив под 15 години, биле силувани, полово нападнати или принудени да живеат во вонбрачна заедница со возрасни луѓе во период од шест години, односно од 2020 до 2025 година.
Жртви биле и деца под десет години, а најмалото сексулано злоставувано дете имало под три години.
-Во периодот од 2020 до 2024 година се евидентирани 508 случаи на сексуална злоупотреба на деца од кои 455 се девојчиња како и 53 момчиња. Најголем дел од случаите се однесуваат на тешки кривични дела како силување на дете под 15 години, 186 случаи, полов напад и силување се 99 случаи и вонбрачен живот со дете сe 96 случаи. Во 2025 година евидентирани се нови 96 деца – жртви на кривичното дело против половата слобода и половиот морал од кои 88 девојчиња, 8 момчиња. Повторно најчесто регистрирано кривично дело е силување на дете под 15 години со 48 жртви. Иако сексуалната злоупотреба на деца генерално ги засега девојчињата, податоците потврдуваат и дека жртви се и момчињата при што е можно реалниот број на машки жртви да е поголем со оглед на потешкотиите на пријавување поради срам, стигма и социјалните норми. Останати евидентирани дела се полово вознемирување коешто е пријавено 30 пати што е пораст од 2022 година, натаму прикажување на порнографски материјали, производство и дистрибуција на детска порнографија и родосквенравење – изјави Државниот советник во канцеларијата на Народен правобранител, Васка Бајрамовска Мустафа.
Најголем број на жртвите се деца на возраст од 11 до 15 години, околу 90 отсто се девојчиња, додека пак според етничката припадност, најмногу се од македонска и ромска националност.
Ваквите случаи најмногу ги пријавувале родителите, медицинските установи, а поретко образовните институции и Центрите за социјална работа






