Забраните носат нови дилеми: дали Македонија ризикува раст на црниот пазар?

Некои земји кои успеале значително да ја намалат стапката на пушење овозможиле поширока достапност на алтернативни никотински производи, особено никотинските ќесички. Шведска, Велика Британија и Нов Зеланд често се наведуваат како примери каде ваквиот пристап дал резултати.

Но, во други земји ситуацијата е поинаква. Словенија, Белгија и Латвија воведоа ограничувања за овие производи, по што се соочија со зголемена појава на нелегална продажба на електронски цигари и никотински ќесички со непознато потекло. Дел од аналитичарите предупредуваат дека Македонија со новиот Закон за заштита од пушење се движи во слична насока, со најавена забрана за ароматизирани никотински ќесички, вејпови и патрони за уредите за загревање.

Воведувањето на забраната ризикува и во Македонија да се пресликаат негативните искуства. Законот во Латвија и Словенија често бил заобиколуван со нарачки преку интернет или пак со нелегална продажба под маса на шверцувани никотински ќесички од непознат производител. Освен дилемите за производителот, голем број прашалници се отвораат и за составот на ќесичките на црно, со оглед на фактот дека тие не ги поминуваат контролите за составот во релевантни лаборатории. Во Македонија, уште со најавата на новото законско решение, се забележува незаконски внес на вакви производи.

Минатиов викенд Царината соопшти дека Секторот за контрола и истраги открил и спречил обид за криумчарење на 4.800 пакувања со никотински ќесички со вредност од 1,2 милиони денари, а против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава за „криумчарење“.

„Осомничениот е застанат за контрола од страна на мобилен царински тим, во внатрешноста на државата, веднаш по влезот во државата преку граничен премин Табановце, при што се пронајдени 4.752 пакувања со никотински ќесички со никотин и 48 пакувања никотински ќесички – снус кои содржат никотин и тутун. Стоката и возилото се запленети, а осомничениот е приведен на сослушување од страна на инспекторите за истраги“, се вели во соопштението.

Но, ова не е првиот случај. Царината пред еден месец веќе информираше за случај на пронајдени вејпови без бандерола, иако Законот се уште не е усвоен. Настанот се случил во дуќан во Струга, а производите биле во вредност од над 1,8 милиони денари.

Додека Македонија најавува забрана за најголемиот спектар од алтернативните никотински производи, студии покажуваат дека пушачите кои преминуваат на никотински ќесички можат да ја намалат својата изложеност на некои од најопасните хемикалии што се наоѓаат во цигарите и тоа до нивоа блиски до оние кои се забележуваат кај пушачите што целосно се откажале од цигари.

Студијата „Никотински ќесички: помагало за откажување од пушење или нова опасност по јавното здравје?“, објавена во специјализирано списание Internal and Emergency Medicine, заклучува дека никотинските ќесички се наоѓаат на „најниската скала на ризик од токсични материи“ меѓу никотинските производи и би можеле да претставуваат значајна можност за намалување на штетата за пушачите кои не можат или не сакаат целосно да се откажат од никотинот.

Студијата на Константинос Фарсалинос, професор на Универзитетот на Западна Атика и Универзитетот во Патра во Грција, ги собира податоците за хемиските својства, токсикологијата, биомаркерите и трендовите на популацијата.

„Никотинските ќесички би можеле да претставуваат ветувачки производ за намалување на штетите, со ризик веројатно близок до фармацевтските заменски никотински терапии, а лекарите би можеле да ги сметаат за замена за цигарите кај пушачи кои не можат или не сакаат да се откажат од пушењето со моментално одобрени методи“, оценува кардиологот и истражувач д-р Константинос Фарсалинос.

Тој ги зема предвид и показателите од Шведска, каде стапката на пушење се приближува до 5%. Според анализите, оваа стапка е постигната со широк достап на никотинските ќесички, кои особено биле прифатливи за женската популација.

„Доказите покажуваат дека никотинските ќесички се најефикасната алатка за да им се помогне на пушачите – а особено на жените – да се откажат од цигарите. Низ здравствените податоци, анкетите и животното искуство на жените, се појавува истата приказна. Никотинските ќесички одговараат на современиот живот. Тие се чисти, општествено безопасни и ефикасни. Тие даваат резултат таму каде што другите методи не успеале“, вели бихејвиоралистот проф. Марева Гловер.

Освен шведските, и британските власти никотинските ќесички не ги третираат во истата група со тутунските производи, туку како „потрошувачки производи“, освен ако не се продаваат со медицинска намена како средство за откажување од пушење. Во Британија стапката на пушење за 2025 година изнесува околу 10%, додека во Македонија е над 40%.

 

Back to top button
Close