Вработена од ДЗС Кочани: За Пулс не сум добила никаква документација, подрачното одделение Кочани нема инспектор за заштита и спасување
Во подрачното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување во Кочани не е примена документација во врска со дискотеката „Пулс“, сведочеше вработена во ова подрачно одделение. На денешното судење за пожарот во кочанската дискотека, таа посочи дека прегледувала документација доставена од управители на фирмите во врска со правилници за заштита од пожари и опасни материи, а на прашањето дали во делокругот на нејзината работа има примено документација за Пулс, одговори негативно.

Сведокот била вработена во ДЗС подрачно одделение Кочани од 2019 година и појасни дека во работата се водела според Закон за заштита и спасување.
На прашањето за организацијата на ДЗС во однос на инспекциските надзори, посочи дека не би знаела да каже од причина што, како што рече, подрачните одделенија се под секторот за оператива.
Одговори негативно на прашањата дали откако е вработена до денеска ДЗС подрачно одделение Кочани имало инспектор за заштита и спасување, како и пред тоа.
Во однос на тоа дали ѝ се познати овластувањата и улогата што ги има генералниот инспекторат во ДЗС, оговори дека ѝ е познато бидејќи, како што рече „документацијата која што јас ја прегледувам и се произнесувам инспекторот би требало да ја провери фактичката состојба“.
На прашањето каква документација прегледува, одговори дека управителите на фирмите, на објектите, ја приложуваат документацијата, правилник за заштита од пожари и опасни материи.
-Во зависност од намената на објектот според законот за заштита и спасување се гледа кои работи треба да ги сочинува објектот, во зависност од квадратурата и намената – појасни таа.
Фактичката состојба на терен врз основа на доставена документација, како што дополни, ја прегледуваат инспекторите.
Сведокот посочи дека за нејзиното работно место не се прават годишни планови, а нејзината работа ја контролираат преку месечни извештаи кои ги испраќаат до ДЗС.
Прашана дали нејзината служба во однос на дискотеката Пулс има преземено некакви службени дејствија во делот на примање документи, одговори негативно.
-Доколку ме прашувате за инспекцискиот надзор, не би можела да кажам. Немам добиено документација во однос на „Пулс“ – рече таа.
На прашање за број на вработени во подрачна служба на ДЗС Кочани, одговори дека од 2022 година до 2024 биле вработени таа и архиварка и од 2024 година само таа.
Прашана дали во овој период имала разговори со директорот на ДЗС во однос на состојбата со бројот на вработени во подрачната служба Кочани, одговори негативно.
-Лично не сум се обратила бидејќи во Дирекцијата имаат сознанија и имаат увид на вработените, така што на сите им е познато во кои подрачни одделенија колку вработени се. Доколку има потреба за увид на пожари, за некаква контрола, доаѓаа од други подрачни одделенија – рече таа.
Прашана, како вработена во ДЗС Кочани, да појасни кој доставува елаборати за евакуација од пожар, сведокот рече инвеститорот, односно проектантот.
-Доколку имаме објект во градба или пренамена, елаборат за заштита и спасување, според закон е должен инвеститорот, односно проектантот да изготви. Целата документација за градежна дозвола ја прикачува општината, на кој што ние како Дирекцијата на ДЗС имаме рок од пет дена да се произнесеме. Исто е и за градба и за пренамена – изјави сведокот.
Прашана дали некој од директорите или инспекторите на ДЗС биле во посета на дирекцијата Кочани, сведокот рече не, директорите, не никогаш не дошле во подрачното одделение.
-Од 2019 година, кога сум вработена имав еднаш посета од господинот Грнчиштанов, така и го запознав. Тоа беше пријателска средба, а не контрола – изјави сведокот.
Претходно на денешното рочиште започна сослушувањето и на сведокот Трајче Димишковски, но беше прекинато и треба да продолжи на следното рочиште.
Димишковски, вработен од 2008 година во Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, како возач-доставувач, рече дека од 2023 година до август 2025 година работел и во агенцијата за обезбедување „Рубикон”, како одговорен за обезбедувањето во училиштата.
Сведокот рече дека лиценца за обезбедување поседува од 2004 година.
-Најчесто работев во основните училишта, каде менував втора смена и патрола. Најчесто во тој период контактирав со Јане Јанчевски кој кажуваше каде да се оди. Моравме да имаме и легитимација, изјави сведокот.
Прашан дали добил нови задолжувања по критичниот настан на 16 март 2025, сведокот, рече дека работите оделе тековно, како што си било договорено.
– Некои измени немаше, изјави сведокот.
На прашање од Обвинителството дали во април 2025 добил ново задолжение, сведокот рече дека добил полномошно тој да потпишува за исплата на плати.
-Полномошно добив од Јане Јанчевски, преку нотар, појасни сведокот.
На прашање дали имал контакт со Александар Нацев, сведокот рече „имавме контакти, зошто мене ми требаше помош и совет за како да ги пуштам платите”.
– Се знаеме долго време. Он како професор повеќе ги знае законите од мене и затоа од него барав само помош- изјави сведокот.
Прашан зошто тој бил ангажиран, кога морал да бара помош, сведокот рече дека тоа било во момент кога се доцнело со плати и морале да се пуштат.
-Јас бев најслободен, зошто бев задолжен за патрола на училиштата и можев да одам до банка- изјави сведокот.
Обвинителството тука реагираше дека сведокот дава сосема друг исказ од тој во Обвинителството, на што одбраната реагираше дека не им бил доставен исказот од овој сведок.
-Освен двајца бранители од Скопје, кои ги побараа доказите и ги добија на усб, ниту еден друг бранител не ги побара по спојувањето на предметите, реагираше обвинителство.
Судот на ова посочи дека откако се споени обвиненијата, Обвинителството за да не губиме време поради обемноста, повика и вие требаше да се обратите.
-Вие што не сте отишле, не е крив ниту Судот, ниту Обвинителството, изјави судијката, по што даде пауза за одбраната да се запознае со изјавата на овој сведок.
Одбраната на Александар Нацев, Јане Јанчевски и агенцијата Рубикон предложи распитот на овој сведок да се прекине, за да се запознаат со неговиот исказ во Обвинителството, по што Судот донесе одлука за прекинување на ова сослушувањето на овој сведок и тој да биде повикан на следното рочиште.
Вработена во сметководствено биро кое соработувало со Агенцијата за обезбедување Рубикон денеска на судењето за пожарот во Пулс сведочеше дека никогаш не сретнала некаков материјален документ дека помеѓу „Пулс “ и Рубикон постоела деловна соработка. Додека, сведокот Горан Игновски, кој повеќе од 34 години работи со продажба и сервис на опрема за изнајмување за настани – озвучување, осветлување и сценски ефкети сведочеше дека година и половина пред трагичниот настан во дискотеката „Пулс“ во Кочани им продал опрема (бокс за далечинска активација) и прскалки на Панчо и член од ДНК.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а Обвинителството го застапува тим од 15 јавни обвинители. Судењето продолжува на 12 март.
Пожарот во дискотеката во Кочани избувна за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Со денешното рочиште продолжува доказната постапка со изведување сведоци на предлог на Обвинителството.






