ЈСП демантира дека поради недостиг на гориво, автобус оставил патници на улица
Од сообраќајното претпријатие велат дека во моментов нема потврдени случаи дека автобуси на ЈСП оставиле патници поради недостиг на гориво, ниту, пак, дека претпријатието се соочува со проблем од ваков вид

Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) „Скопје“ ги демантира наводите во дел од медиумите дека поради недостиг на гориво, автобус оставил патници на улица. Велат дека нема потврдени случаи дека автобуси на ЈСП оставиле патници поради недостиг на гориво, ниту, пак, дека претпријатието се соочува со проблем од ваков вид.
„ЈСП ‘Скопје’ има активен тендер за набавка на гориво и во моментов немаме најава од добавувачот за евентуален недостиг на деривати. Дополнително, се водиме согласно информациите кои на дневно ниво ги добиваме од надлежните институции дека во државата има доволно резерви на сите видови гориво“ велат од сообраќајното претпријатие, додавајќи дека нема потреба од создавање паника кај граѓаните.
Оттаму ги замолија медиумите кои ги објавија ваквите наводи – да ја повлечат веста.
„Во текстот се наведува дека ‘извори од ЈСП’ дале изјава во врска со наводите дека автобуси оставаат граѓани среде улица поради недостиг на гориво. Би сакале да укажеме дека ЈСП има над 1 200 вработени, но наведениот став не е даден од страна на официјално овластено лице за односи со јавност, ниту од раководството на претпријатието“ велат од претпријатието






