Зеленски: Украина чека одобрение од Белата куќа за голем договор за производство на дронови
Украина чека одобрение од Белата куќа за голем договор за производство на дронови што Киев го предложи минатата година, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Предложениот договор меѓу САД и Украина би вклучувал различни видови дронови и противвоздушни системи што функционираат како единствен систем способен да заштити од роеви стотици, па дури и илјадници дронови и ракети „Шахед“ од иранско производство, рече Зеленски во објава на социјалните мрежи.
– Сè уште немавме можност да го потпишеме овој документ – рече Зеленски.
Од почетокот на инвазијата врз Украина, Русија лансира десетици илјади дронови „Шахед“ од иранско производство. За време на најголемиот ноќен напад, лансираше повеќе од 800 дронови и мамки – лажни цели за украинската одбрана.
Иран, како одговор на американско-израелската агресија, лансира ист тип дронови кон цели низ Блискиот Исток.
Украина е пионер во развојот на евтини системи за уништување беспилотни летала, од кои некои чинат само неколку илјади долари, и целосно ги променија правилата на противвоздушната одбрана.
Зеленски истакна дека војната на Блискиот Исток би можела да ги натера американските претставници да го потпишат договорот.
Украина сака да обезбеди идна поддршка од странски партнери за да се спротивстави на руската инвазија, а договорите за производство на дронови би можеле да му дадат на Киев дипломатска предност во преговорите со Москва.
Преговорите со посредство на САД, со цел да се запре најголемиот европски конфликт од Втората светска војна, се прекинати поради војната во Иран.
Зеленски денеска пристигна во Романија, членка на НАТО, еден ден пред да го посети францускиот претседател Емануел Макрон во Париз.
Дневните приходи на Русија од продажба на нафта за време на конфликтот на Блискиот Исток, кој ги зголеми цените на суровата нафта, беа во просек за 14 проценти повисоки отколку во февруари, според непрофитната организација Центар за истражување на енергија и чист воздух. Приходите од нафта се клучни за воените напори на Москва.
Кабинетот на Макрон соопшти дека ќе разговара со украинскиот лидер за напорите за справување со таканаречената „флота на танкери во сенка“ на Русија кои транспортираат нафта, кршејќи ги меѓународните санкции, но тешко се запираат.
Зеленски во Букурешт се сретна со романскиот претседател Никушор Дан, а планиран е и состанок со премиерот Илиј Болојан и да го посети украинскиот центар за обука на пилоти за американски борбени авиони Ф-16.

„Мојот денешен состанок со претседателот на Романија, Никушор Дан, се фокусираше првенствено на зајакнување на енергетските и економските капацитети на нашите две нации, за да можеме заедно да направиме повеќе за националната безбедност на нашите држави. Работиме на проширување на прекуграничната енергетска соработка – изградба на два нови далноводи со Романија. Подеднакво важна е и нашата способност заедно да спроведуваме проекти за екстракција на ресурси на Црноморскиот гребен. Разговаравме и за проекти во секторот за нафта и гас кои можат да нè поддржат сега, вклучително и во услови на предизвиците поврзани со Блискиот Исток“, напиша Зеленски на социјалните мрежи.
Разгледани се и можности за транспорт на американски течен природен гас (LNG) до Украина преку Романија. Исто така се работи на отворање нови гранични премини што треба да биде постигнато веќе ова лето.
„Ѝ се заблагодарувам на Романија за нејзината принципиелна позиција во текот на сите овие години на целосна војна на Русија. Украина и Романија се природни стратешки партнери. Географијата на нашиот регион, безбедносните предизвици со кои се соочуваме и економските потреби на нашите народи, сите укажуваат на еден заклучок: соработката меѓу нас мора само да се зајакнува“, нагласи Зеленски.
Украина извезе значителна количина жито преку Романија за време на војната, а Букурешт му обезбеди енергетска поддршка на Киев додека московските сили ја уништуваат електричната мрежа на Украина.






