Петровска: Секој пратеник требаше да биде во Собранието за комеморацијата – имаше пропусти
Пратеничката Славјанка Петровска не се сложува и вели дека немало цел да бидат навредени или понижени родителите на загинатите од Кочани преку вчерашната комеморација во Собранието. Смета дека никој од пратениците не може да зборува со чисто грло за оваа тема.

Пратеничката од СДСМ оценува дека во Собранието недостигале фотографиите на загинатите лица, но, како што вели, не сакам да навлегувам во детали околу организацијата.
-Дали има пропусти од аспект на ова што го кажуваат родителите, да, но не верувам дека тие биле намерни. Јас само од мое лично име да се извинам и навистина мислам дека треба да разберат дека не ни била таа целта. Пораката која што треба да ја примиме и пратиме повратно е дека сите ние сме научиле што ќе извлечеме како поука од Собранието, кажа Петровска во емисијата „24 анализа“.
За неприсуството на лидерот на СДСМ, Венко Филипче на вчерашната комеморација во Собранието, Петровска информира дека како пратениците за седницата биле известени како и за редовните седници.
-Во моментот кога бевме известени, јас лично немав дилема дека овој ден треба да биде посветен на комеморативната седница и сите други обврски да ги откажам. Сметам дека на секој еден пратеник – не беше само Филипче отсутен, имаше и други кои не беа во салата, местото им беше во таа сала. Конкретно зошто не бил присутен, немав можност да прашам. Можете да прашате во партија. Мислам дека денеска, иако можеби задоцнето, од се срце и искрено дадовме почит на загинатите, истакна Петровска






