Дронови го погодија пакистанскиот главен град по воздушни напади длабоко во Авганистан

Најмалку три дронови вечерва го погодија пакистанскиот главен град, како очигледна одмазда за ноќните воздушни напади длабоко во Авганистан, во остра ескалација меѓу соседните земји по неколкунеделните гранични судири.
Да дрона биле соборени од пакистанскиот систем за воздушна одбрана, додека еден погодил станбен комплекс кој им припаѓа на разузнавачките служби на земјата на периферијата на Исламабад, изјавија разузнавачки претставници за ДПА. Едно лице е повредено во комплексот, додадоа изворите.
Авганистанското Министерство за одбрана утрово информира за напади со беспилотни летала врз воени инсталации во Пакистан.
Во посебен напад, два дрона погодиле воздухопловна база во северозападниот пакистански град Кохат, при што биле ранети најмалку три лица, соопштија официјални лица.
Нападите се случија откако пакистански борбени авиони извршија воздушни напади длабоко во Авганистан, гаѓајќи најмалку пет локации, соопштија властите. Една цел беше во провинцијата Кандахар, упориште на авганистанските Талибанци.
Забихула Муџахид, портпарол на талибанската влада во Авганистан, на X напиша дека Пакистан погодил резервоар за гориво во близина на аеродромот во Кандахар.
Според извештаите на локалните медиуми, цел на воздушни напади повторно биле и објекти во главниот град Кабул.
Нападите означуваат обновена ескалација на конфликтот, кој до неодамна беше главно ограничен на пограничните региони. Новите борби меѓу двете земји почнаа на крајот на февруари, при што Исламабад ги обвинува Талибанците дека засолнуваат милитанти кои вршат напади во Пакистан, обвинение што Кабул го негира.
Оваа недела почнаа првичните напори за медијација, при што специјалниот пратеник на Кина за Авганистан одржа разговори во двата главни града






