Иран ја погоди „Ахиловата пета“ на светската економија: Ормутскиот теснец во центарот на кризата

Иран, според аналитичарите, ја пронашол „Ахиловата пета“ на глобалната економија – Ормутскиот теснец, клучниот поморски коридор низ кој минува значителен дел од светската трговија со нафта.
Командантот на иранската Револуционерна гарда, Хусеин Салами, изјави дека низ теснецот „нема да помине ни литар нафта“ додека Техеран не одлучи поинаку, што се толкува како директна закана за глобалното снабдување со енергија.
Судирот меѓу Иран, САД и Израел од самиот почеток има и силна енергетска димензија. Веднаш по почетокот на американско-израелските напади, Револуционерната гарда преку радио ги предупредила сите бродови дека преминот низ теснецот не е безбеден.
Иако Иран формално не го затворил теснецот, ефектот бил речиси ист. Наместо со воена флота или морски мини, Техеран го постигнал тоа со евтини беспилотни летала – дронови.
Аналитичарката Хелима Крофт од инвестициската банка RBC Capital Markets објаснува дека присуството на неколку дронови во близина на теснецот било доволно осигурителните компании да ги повлечат полисите за бродови.
„Тоа беше затворање предизвикано од осигурителите. Кога тие ги повлекоа полисите, економската логика за пловење низ теснецот едноставно исчезна“, вели Крофт.
Податоците за бродскиот сообраќај покажуваат дека прометот низ теснецот паднал за околу 70 проценти во првите денови од кризата, а потоа речиси целосно запрел. Наместо вообичаените околу 138 бродови дневно, во првите девет дена од март низ теснецот поминале само 39.
Последиците веднаш се почувствувале на глобалните пазари. Цената на нафтата се искачи на речиси 120 долари за барел, а аналитичарите предупредуваат дека светот се соочува со најголемата енергетска криза од нафтениот ембарго во 1970-тите.
Покрај нафтата, глобалното снабдување со течен природен гас паднало за околу 20 проценти, што ги натерало азиските економии да се натпреваруваат со Европа за достапни количини.
Како одговор на кризата, Меѓународната агенција за енергија (IEA) најави координирано пуштање на 400 милиони барели нафта од стратешките резерви на 32 земји членки.
Сепак, експертите предупредуваат дека тоа може да биде само привремено решение. Враќањето на стабилноста на пазарот, велат тие, ќе зависи од повторното отворање на Ормутскиот теснец и нормализирањето на поморскиот сообраќај.
Извор: skopje1.mk






