ИРГЦ: Иран нема да го отвори Ормускиот Теснец и покрај заканите на Трамп

Иран нема да дозволи пловидба низ Ормускиот Теснец и покрај заканите од американскиот претседател Доналд Трамп, изјави денеска поранешниот командант на Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) Мохсен Резаи.
„Без Америка да си замине од Персискиот Залив и воспоставување контрола врз Ормускиот Теснец од регионалните земји и Оман, безбедноста не може да се постигне“, рече Резаи, пренесе Скај њуз.
Тој рече дека Иран ќе размисли за завршување на војната само кога ќе добие компензација од САД и 100 проценти гаранции за иднината, што е невозможно без САД да го напуштат Персискиот Залив.
Иран извезува 90 проценти од својата нафта преку постројки на островот Харг, на североистокот од Персискиот Залив.
Американскиот претседател изјави дека ќе ја преиспита својата одлука да ја поштеди нафтената инфраструктура на островот Харг од напад ако Иран продолжи да го попречува преминувањето на бродовите низ клучен нафтен пат.






