Солзите што протекоа во Кочани станаа бол за целиот народ, порача поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан

Во присуство на семејствата, роднините, пријателите и блиските на загинатите во пожарот во „Пулс“, поглаварот на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија, г.г. Стефан порача дека солзите што протекоа во Кочани станаа бол за целиот народ. Светата архиерејска литургија за помен на жртвите се одржа во црквата „Св. великомаченик Георгиј“ во Кочани.

„Времето продолжи да тече, деновите станаа бестрајни месеци, а месеците исполнија веќе и цела година. Солзите што протекоа, течат без престан и станаа секојдневие за сите мајки и татковци, за многу роднини и пријатели, станаа бол за овој крај и за сиот наш народ. А солзите дури и да престанат, тагата не исчезнува, таа останува длабоко во срцата на најблиските“, порача г.г. Стефан.

Верските обреди во Кочани ги предводеше поглаварот на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија, г.г. Стефан и митрополитот на брегалничката епархија г. Иларион.

Во рамки на одбележувањето на годишнината од трагедијата во Скопје се одржа Меѓународна конференција посветена на институционалните и клиничките аспекти на справување со последиците од пожарот во „Пулс“.

Премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на конфернецијата порача дека трагедијата во Кочани не е само трагедија на еден град, туку трагедија што ја потресе целата држава и која засекогаш ќе остане во колективното сеќавање на нашето општество.

Мицкоски ги прочита имињата на сите загинати во пожарот во т.н. дискотека „Пулс“ во Кочани, додавајќи дека луѓето чии животи згаснаа не се бројка, туку се судбини и личности.

Извор: 360stepeni.mk 

Back to top button
Close