Како да се објасни војната во Иран
Љупчо Поповски

Има многу, десетици аспекти на војната на САД и Израел против Иран. Во еден текст невозможно е да се објаснат сите. Ќе додадеме повеќе светлина на три.
Првиот од нив се однесува на објаснувањето на администрацијата на Доналд Трамп зошто беше покрената оваа војна пред две недели, дали таа воопшто има однапред зададена цел, временска рамка и стратегија како да се води. Трамп на своите прес- конференции, објави на социјалните мрежи и на неколкуте митинзи изминативе две недели постојано повторува дека „ние победуваме“, дека „злобната империја“ морала да се запре за да не произведе нуклеарно оружје, за американската надмоќ, прецизните удари со илјадници ракети и бомби и други приказни од неговиот јазичен арсенал.
Ќе земеме само еден пример од оваа реторика, прес-конференцијата одржана во понеделникот во Дорал во Флорида, па можете сами да донесете заклучоци за концептот, за стратегијата и плановите што се развиваат во Белата куќа и Пентагон. И за нејаснотиите и контрадикторноста на Трамп, кој велеше дека војната со Иран е „добиена“, но не е „доволно добиена“. На таа прес-конференција од 35 минути, како и на тие после неа, тој немаше доволно аргументи да ги смири глобалните пазари и да ги увери загрижените сојузници дека има јасна визија за тоа како да се стави крај на најголемата американска интервенција на Блискиот Исток од војната во Ирак. Неговите одговори беа прецизно пренесени од американските медиуми.
Откако му рече на новинар на Си-Би-Ес њуз дека војната била „многу комплетна, прилично“, Трамп го избегна прашањето на новинарот дали тоа значи дека војната може да заврши оваа недела. „Не, но наскоро. Мислам дека наскоро. Многу наскоро“.
„Ќе одиме понатаму“
Новинарите не се откажуваа да добијат некој попрецизен одговор: „Рековте дека војната е ‘многу комплетна’. Но, вашиот секретар за одбрана вели ‘ова е само почеток’. Па што е тоа?“
„Мислам дека може да се кажат и двете работи“, одговори Трамп. За потоа да додаде: „Ова е почеток на градење нова држава“. Визијата на Трамп за Иран изгледа дека се менува со секој телефонски повик што го доби од новинар во последните денови. А тој неуморно одговараше на сите, настојувајќи да ја води агендата за војната во јавноста, која е против неа.
Во еден од тие телефонски разговори изгледаше дека се подготвува да објави повлекување. Но, на прес-конференцијата тој не рече дека мисијата е завршена и нагласи дека војната ќе продолжи.
„Можеме да го наречеме огромен успех токму сега или можеме да одиме понатаму“, рече тој. „И ќе одиме понатаму“.
„Победивме на многу начини“, рече тој во карактеристичен момент за време на говорот пред републиканските сојузници пред прес-конференцијата. „Но, не победивме доволно“.
Откако цените на нафтата почнаа неконтролирано да растат, а Иран го затвори Ормускиот теснец, Трамп во понеделникот рече дека ќе ги олабави санкциите врз продажбата на нафта од одредени земји за да помогне во смирувањето на пазарите. Така тој ја промени сопствената политика на зголемување на економскиот притисок врз продажбата на руска нафта за да помогне во прекинувањето на конфликтот во Украина. Па нагласи дека САД можеби на крајот од војната нема да ги вратат тие санкции откако глобалните пазари ќе се вратат во нормала. „Кој знае… можеби нема да мора да ги воведеме, ќе има толку многу мир“.
Во оваа канонада на контрадикторности Трамп го извлече најконтрадикторниот „адут“ и рече дека Иран тајно набавил американска ракета „Томахавк“, а потоа ја употребил за да го погоди училиштето за девојчиња во градот Минаб, при што загинаа повеќе од 168 луѓе – најголемиот дел од нив деца.
Во понеделникот уште траеше истрагата на Пентагон за тоа дали американска ракета го погодила училиштето. „Њујорк тајмс“ неколку дена потоа ги објави заклучоците од истрагата според кои Американците ја истрелале таа ракета. На таа прес-конференција Трамп беше прашан дали САД ќе прифатат каква било одговорност за нападот на што тој одговори: „’Томахавките’ ги користат многу земји“ и „Иран има некои ‘томахавки’“.
Новинарите што беа таму не само што беа зачудени од објаснувањето, туку и не можеа да го сварат таквото толкување.
„Тукушто сугериравте дека Иран некако се здобил со ‘Томахавк’ и го бомбардирал сопственото основно училиште на првиот ден од војната“, рече еден новинар, пред да праша зошто „вие сте единствената личност во вашата влада што го кажува ова“.
„Затоа што едноставно не знам доволно за тоа“, одговори Трамп. „Мислам дека тоа е нешто за кое ми беше кажано дека е под истрага“.
Можеби ќе разберете нешто од овој сет на произволни толкувања на врховниот командант на најсилната армија во светот. А можеби нема да разберете ништо. Во оваа војна најпрецизни се податоците за тоа каде паѓаат ракетите и бомбите – во Иран и Либан. Другото изгледа како конфузија за една лошо планирана војна која изгледа дека нема вистинска цел. Или пак беше само маглива, поттикната од интервенцијата во Венецуела и заробувањето на Николас Мадуро. Или пак од инсталирањето на поранешниот командант на Исламската држава, Ахмед ал Шара како претседател на Сирија во двонеделниот колапс на диктаторскиот режим на Башар ел Асад.
Тоа е друг аспект на оваа војна.
Поразот како доказ за храброст
Од 1979 година кога падна шахот Мохамед Реза Пахлави и од прогонството од Франција дојде ајатолахот Рухолах Хомеини, преку осумгодишната ирачко-иранска војна, па падот на Садам Хусеин во соседниот Ирак преку последователните неколку крваво задушени протести на граѓаните за поголеми слободи и против строгите верски правила, како и погромот на реформистите, на Западот постојано се поставуваше прашањето дали Исламската Република е месијанска теократија или држава која кога-тогаш ќе се скрши. Оние што подобро ја познаваат сржта на режимот велат дека Иран не е ни едното ни другото. Сегашната доминантна идеологија е централна за опстанокот на режимот, но таа е комплементарна на инстинктот за опстанок на нацијата и државата.
Во градот Исфахан има една фреска која на одреден начин ја претставува суштината на Иран, наследникот на неколкуте големи персиски царства во антиката. Таа фреска во Исфахан ја прикажува битката кај Чалдиран од 16. век, водена помеѓу отоманската и персиско-сафавидската империја. Таа фреска го нуди шаблонот кој трае до ден-денес. На сликата Персијците изгледаат триумфално, откако го уништиле својот турски противник. Историјата за таа битка во 1514 година е сосема поинаква. Чалдиран беше голема отоманска победа и катастрофален пораз на Сафавидите. Отоманците не само што беа бројчано надмоќни туку имаа и топови, оружјето што им недостасуваше на Сафавидите. Оваа фреска во Исфахан, како што вели Али Ваез, шеф на проектот за Иран и висок советник на претседателот на Меѓународната кризна група, не е обид да се избрише поразот, туку да се преформулира – помалку приказна за загуба, а повеќе ода за издржливост, за херојски отпор против непријател кој ги надминал во бројноста и оружјето. Поразот може да се преточи во доказ за храброст, а издржливоста може да се продаде како триумф.
Од тој пораз кај Чалдиран во 16. век, иранскиот национализам е создаден во жештината на постојаните закани за опстанокот на земјата за да им пркоси на плановите на моќните соседи и империјалните сили да доминираат и да го поделат Иран. Во текот на тие векови, Иран преживеа порази и губење на територија од Отоманската, Руската и Британската Империја и окупација и речиси поделба на земјата за време на двете светски војни.
Вооружени полицајци во Техеран стојат пред огромен банер со ликовите на врховниот лидер Моџтаба Хаменеи и воени команданти Вооружени полицајци во Техеран стојат пред огромен банер со ликовите на врховниот лидер Моџтаба Хаменеи и воени команданти
Иранскиот национализам се потпира на персискиот јазик и култура споени со шиитизмот. Тој национализам го водеше премиерот Мохамад Мосадек во 1950-те да спроведе социјални и земјишни реформи и да ја национализира нафтената индустрија. Тој национализам е во битието на Иранците и затоа што во 1953 година Мосадек беше соборен со помош на британската МИ6 и американската ЦИА и во државен удар Реза Пахлави беше вратен на престолот и ја презеде контролата врз сите инструменти на државата. Протестите против режимот на Исламската република се дел од тој ирански национализам за заштита на државата, а не на теократската власт.
Па дури и сега убиениот ајатолах Али Хаменеи покрај силните прокламации за „Големиот сатана“ не се откажа од директните преговори со САД за ја покаже прагматичноста. Нуклеарниот договор од 2015 година беше најјасен случај. Под притисок на санкциите Хаменеи преговараше за да ја зголеми издржливоста на режимот и да ја задржи целовитоста на државата. Дури и откако Вашингтон се повлече од договорот, Техеран ги држеше каналите делумно отворени. Конфронтацијата и преговорите не беа противречности во пристапот на Иран. Тие беа паралелни алатки – применети со ладна логика која секогаш беше поврзана со зачувувањето на режимот.
Оваа историја е важна затоа што ја поткопува основната премиса што сега циркулира во некои политички кругови: дека силниот воен притисок ќе предизвика иранскиот систем да капитулира, да се распадне или да се урне на предвидливи начини. Кој знае, можеби и тоа ќе се случи, но дали можете да се кладите на изјавите на Трамп, Бенјамин Нетанјаху и Пит Хегсет дека режимот е декапитизиран и дека му нема спас.
„Обезглави и делегирај“
Друг аспект е како изгледа дека беше кроена стратегијата пред да почнат нападите на Иран. Таа во голема мерка се водеше од претходната интервенција во Венецуела. Висок функционер на американскиот Стејт департмент неодамна го сумираше пристапот на администрацијата на Трамп кон промена на режимот во Техеран во три збора: „обезглави и делегирај“. Треба да се отстрани непопуларниот лидер (по можност да се убие), да се ослабне режимот преку постојани и разорни бомбардирања, а потоа да се принуди наследникот да склучи трансакциски договор, како што направи тогашната потпретседателка на Венецуела, Делси Родригез. Трамп постојано сугерираше дека она што се случи во Венецуела претходно оваа година би било „совршено сценарио“ за Иран.
На прв поглед стратегијата изгледа едноставна. Но, има една голема суштинска разлика. Во Венецуела имаше луѓе од врвот на режимот кои сакаа да склучат договор, додека во Иран нема такви лица со кои може да се направи таква зделка. Ако голем број од можните функционери со кои би се разговарало за преодни решенија, во кои власта би останала иста, но луѓето би се промениле, се веќе убиени, тогаш кој би бил партнерот за разговори, а тоа да не биде сфатено како национално предавство.
Воениот притисок го турка Иран кон дисперзија на власта. Како што пишува Стивен Холмс, професор по право на Универзитетот Њујорк, стратегијата за опстанок на Исламската Република е градена со децении и тој е конципиран како еден вид мрежа. Корпусот на Исламската револуционерна гарда долго време се подготвуваше за обезглавување на лидерството преку она што го нарекува „мозаична одбрана“, распределувајќи ја командната власт на покраинските единици способни да работат автономно ако централното раководство е уништено. Но, структурата што го прави режимот тежок за воено елиминирање, исто така го прави неспособен за преговори или политички предавање.
Исламската револуционерна гарда не е само воена институција. Тоа е економска империја, политички актер и идеолошки столб. Напаѓањето на неговиот штаб и безбедносни органи може да ја комплицира репресијата. Демонтирањето на институција толку вградена во архитектурата на државата само преку воздушна моќ ретко успева, потребни се чизми на теренот.
Прашање е дали надворешните аналитичари добро го разгледале внатрешниот пејзаж на Иран. Една третина од 90-милионското население на Иран се етнички малцинства, од кои Азерите од провинцијата Азербејџан се најбројни, дури 12 милиони. Потоа тука се Курдите, кои ги има 10 милиони, Балучите… Сите тие имаат многу забелешки како функционира теократската држава со чии морални правила не се согласуваат. Тоа се виде со големите протести по смртта на Курдката Махса Емини притворена од моралната полиција. Но тие се претпазливи да се приклучат кон сценарија што водат до национална фрагментација. Дури и многу Иранци кои се спротивставуваат на режимот и сакаат странска воена интервенција за негово соборување не сакаат да видат целосен колапс на државата, плашејќи се од хаосот што може да следи. Постои разлика помеѓу желбата системот да се промени и желбата земјата да се распадне.
На Иран не му треба воено да ја добие војната. Потребно му е само да преживее доволно долго за да се натрупаат политичките и економските трошоци од регионалната нестабилност. Резултатите се веќе видливи. За една недела, сообраќајот на танкери низ Ормускиот теснец – кој сочинува приближно една петтина од светската нафта – падна за 90 проценти. Меѓународниот аеродром во Дубаи, најпрометниот во светот, е затворен. Катар го запре производството на течен природен гас. Секоја дополнителна недела нестабилност го зголемува притисокот врз сојузниците на Америка.
Додека паѓаат бомбите и ракетите тешко дека внатрешната политичка структура на Иран може да произведе партнер за преговори. Претседателот Масуд Пезешкијан, кој важи за реформист и прагматичар, е целосно потиснат од командантите на војската и Револуционерната гарда. И од теократите. Самата воведна фаза од војната елиминираше многу од личностите што Вашингтон ги сметаше за потенцијални соговорници – високи ирански функционери за кои се веруваше дека се прагматични. Самиот Трамп искрено го призна тоа: „Повеќето од луѓето што ги имавме на ум се мртви“. Обезглавувањето беше толку успешно што го елиминираше самиот предуслов на стратегијата.
Моџтаба Хаменеи на демонстрација во 2019 година Моџтаба Хаменеи на демонстрација во 2019 година
Изборот на Моџтаба Хаменеи покажува каде оди Иран: Наместо да го принуди Техеран да го промени курсот, воениот план на Трамп ја турка земјата да се закопаФотографија: Vahid Salemi/AP Photo/dpa/picture alliance
Во таа стратегија на Иран да се зачува режимот, но и земјата, изборот на Моџтаба Хаменеи, син на убиениот врховен лидер, е неочекувано решение. Исламската република меѓу другото беше создадена од Хомеини да се спречат династичките владеења. И самиот Али Хаменеи бил против некој од неговото семејство да го наследи, затоа што тоа е спротивно на верувањето на шиитската номенклатура. Но ова се времиња за опстанок на режимот.
Изборот на Моџтаба Хаменеи покажува каде оди Иран: Наместо да го принуди Техеран да го промени курсот, воениот план на Трамп ја турка земјата да се закопа. Предавањето не е опција за Исламската република. Тоа е нејзино кредо од нејзиното основање во 1979 година. Иран е дизајниран да истрае, со авторитет распределен меѓу многу јазли на моќ и остваруван преку мрежа од односи меѓу свештенички, воени и бирократски институции и посредници на моќ во и надвор од владата.
Трамп и неговите советници ја кроеја стратегијата дека во Иран ќе најдат некој како Сириецот Ахмед ал Шара. Тоа сега изгледа како неостварлива цел. За да се стигне до таму треба да се скрши отпорот на Иран. Ако тоа кршење преку постојани бомбардирања трае предолго Трамп уште повеќе ќе ја губи загубената поддршка во американската јавност. А среднорочните избори во ноември брзо ќе дојдат. Американските сојузници во регионот драматично губат големи пари. Дубаи и Катар се празнат од богатите странци, кои можеби нема да се вратат назад во некое догледно време. Не губи само Иран, туку и целиот регион. Колкава е штетата што може да ја поднесат? На тоа треба да се додаде и страдањето на глобалната економија со зголемените цени на нафтата.
Во овој момент Трамп нема друго решение освен да продолжи со бомбардирањата со кои мисли дека ќе го крши режимот. А дали ќе се осмели да испрати војници на копното е големо прашање со екстремен ризик. Тој се претставуваше во изборната кампања како човек кој ќе го носи мирот и ќе ги завршува војните, а сега интервенцијата во Иран може да го одреди неговото второ претседателство како она на Џорџ Буш со војната во Ирак. Тој би сакал да изгледа како победник, но ако има долга војна и самиот не ќе може да си верува на сопствените зборови кога постојано тврди „Победуваме“.






