Продолжува падот на членството во германските христијански цркви, повеќе од 600.000 верници заминале лани


Повеќе од 600.000 германски католици и протестанти ја напуштиле црквата во 2025 година, покажуваат официјални податоци објавени денеска, јави ДПА, коментирајќи дека со тоа продолжува долгорочниот тренд на намалување на членството во двете најголеми христијански цркви во Германија.

Евангелистичката црква во Германија (ЕКД) соопшти дека околу 350.000 верници се откажале од членството минатата година, додека околу 307.000 лица ја напуштиле Католичката црква.

Иако бројот на лица кои ја напуштиле црквата е нешто помал во споредба со претходната година, во овие податоци не се вклучени илјадниците смртни случаи што секоја година дополнително го намалуваат бројот на верници, додека бројот на нови членови е премал за да го надомести падот.

Според Германската бискупска конференција, бројот на католици во земјата се намалил на 19,2 милиони, што претставува околу 23 проценти од населението.

Во 2024 година Католичката црква во Германија имала околу 19,7 милиони членови.

Во меѓувреме, околу 17,4 милиони Германци биле членови на протестантска црква во 2025 година, што е намалување во однос на 17,9 милиони во 2024 година.

Новоизбраниот претседател на Германската бискупска конференција, Хајнер Вилмер, изрази жалење поради големиот број луѓе што ја напуштаат црквата.

– И покрај сите превирања, не треба да ја криеме главата во песок – порача тој, повикувајќи на изнаоѓање начини христијанството да добие поголемо прифаќање во современото општество.

Back to top button
Close