Калас: Европа не учествува во војната во Иран

Високата претставничка на ЕУ за надворешна работи и безбедност Каја Калас денеска изјави дека Европа не е вклучена во војната во Иран, оти тоа не е војна на Европа, но оти во залог се европските интереси.
– Политичките цели на таа војна се нејасни. Војните лесно почнуваат и е многу тешко да бидат прекинати, истакна Калас по денешната средба на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ во Брисел.
Таа посочи дека на средбата се разговарало како Ормускиот теснец да остане отворен за пловидба.
Калас посочи и дека ЕУ денеска воведе санкции против 16 лица и три организации кои ги смета за одговорни за сериозно кршење на човековите права во Иран при задушување на протестите во Иран на почетокот од годината.
На денешниот состанок во Брисел се разговараше и одлуката на САД за привремена суспензија на санкциите за руската нафта.
– ЕУ ги задржува своите санкции. Ако сакаме војната во Украина да заврши, Москва мора да има помалку, а не повеќе пари за водење војна. Донесувањето одлуки за воведување нови санкции против Русија и за обезбедување заем за Украина од 90 милијарди евра е одамна задоцнето, посочи Калас, додавајќи оти европските министри за надворешни работи потврдија дека Украина останува врвен безбедносен приоритет на ЕУ.






