„Њујорк Тајмс“: САД барале смена на претседателот Дијас-Канел, комунистичката власт би останала на позиција на Куба

Администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, наводно во разговори со Куба барала смена на претседателот на таа земја, Мигел Дијас-Канел, со цел да се отвори простор за економски промени на островот, додека комунистичката власт би продолжила да управува со земјата, пишува весникот „Њујорк Тајмс“ повикувајќи се на извори запознаени со разговорите.

Четири различни извори запознаени со преговорите меѓу Вашингтон и Хавана, посочуваат дека американските преговарачи им сигнализирале на официјалните кубански претставници дека претседателот Дијас-Канел мора да замине од функцијата, а дека натамошните чекори на островот би зависеле исклучиво од Куба. Притоа, американската порака за негово заминување не била изнесена како ултиматум, туку како чекор што би отворил можност за нови договори меѓу двете земји.

„Њујорк Тајмс“ пишува дека таквиот потег би ја отстранил клучната политичка фигура на Куба, но би ја задржал комунистичката власт што управува со карипскиот остров повеќе од 65 години. Двајца од изворите за весникот посочиле дека САД засега не барале никакви мерки против членови на семејството Кастро, кои сеуште имаат значително политичко влијание во земјата.

Некои официјални лица од американската администрација сметаат дека отстранувањето на шефот на државата би можело да овозможи структурни економски реформи на Куба какви, според нив, Дијас-Канел не би поддржал. Кубанските официјални лица вклучени во преговорите наводно покажале согласност по однос проблематичното владеење на Дијас-Канел, но со настојувања промената да не изгледа како непосреден диктат од Вашингтон.

Еден од изворите на кои се повикува весникот, вели дека смена на врвот на кубанското раководство би му донела на Трамп симболична политичка победа, бидејќи би можел да тврди дека соборил лидер на левичарска влада – долгогодишен противник на САД, слично како во случајот со Венецуела.

Но, истовремено таков потег би веројатно разочарал дел од конзервативната кубанска емиграција во САД, која се залага за целосна политичка трансформација на Куба, наведува „Њујорк Тајмс“.

Американските преговарачи исто така сакаат Куба да отстрани од власта одредени постари функционери кои сѐ уште се приврзани на идеите на Фидел Кастро, како и да ослободи политички затвореници, што е долгогодишна цел на американската политика.

Според американските официјални лица, преговорите се иницирани во насока на постепено отворање на кубанската економија за американските компании и инвеститори, а би било придружено со неколку симболични политички потези што Трамп би можел да ги презентира пред јавноста.

Главен преговарач од кубанска страна е Раул Гилјермо Родригес Кастро, кој директно разговара со американскиот државен секретар Марк Рубио. Според изворите, Родригес Кастро, познат како Раулито, би можел да задржи значајно влијание зад политичката сцена, додека формалната функција претседател би ја презел некој што не би го носел презимето Кастро.

Back to top button
Close