Оман: САД беа „вовлечени“ во војната со Иран и покрај шансата за договор

Оманскиот министер за надворешни работи Бадр ал-Бусаиди оцени дека САД биле „вовлечени во војната“ со Иран, обвинувајќи ја американската администрација дека дозволила Израел да ја насочи кон конфликт во момент кога дипломатски договор бил „реално достижен“.

Во авторски текст објавен во неделникот „Економист“, Ал-Бусаиди отстапи од вообичаената дипломатска воздржаност и ја опиша војната на Блискиот Исток како „катастрофа“, пренесува Хина.

Според него, Вашингтон и Техеран биле „на чекор до вистински договор“ за иранската нуклеарна програма во изминатите девет месеци.

Првата можност се појавила во преговорите до јуни 2025 година, непосредно пред избувнувањето на т.н. „дванаесетдневна војна“, иницирана од Израел, во која кратко се вклучија и САД со напади врз ирански нуклеарни постројки.

Втората шанса, според него, се појавила во февруари 2026 година, непосредно пред ликвидацијата на иранскиот врховен лидер Али Хамнеи во израелско-американски напади, што ја поттикнало сегашната ескалација во регионот.

„Беше шок, но не и изненадување, кога на 28 февруари – само неколку часа по значајните преговори – Израел и САД повторно започнаа воен удар против мирот кој накратко изгледаше возможен“, напиша Ал-Бусаиди.

Тој оцени дека американската администрација направила „сериозна погрешна проценка“, дозволувајќи да биде убедена дека Иран брзо ќе капитулира по првичниот напад.

Ал-Бусаиди повика сојузниците на САД отворено да укажат на, како што рече, „губењето контрола врз сопствената надворешна политика“ на Вашингтон.

Британскиот весник „Гардијан“ објави дека советникот за национална безбедност на Велика Британија, Џонатан Пауел, присуствувал на последната рунда преговори меѓу САД и Иран во Женева на 26 февруари и оценил дека предлозите на Техеран биле доволно сериозни за да се избегне војна.

Back to top button
Close