Лидерите на ЕУ го обвинија Орбан за блокирање на помошта за Украина поради унгарските избори

Лидерите на Европската унија (ЕУ) денес во Брисел го обвинија унгарскиот премиер Виктор Орбан за спречување на испраќање важна помош за Украина и за поткопување на процесот на донесување одлуки на блокот со цел да победи на претстојните парламентарни избори во Унгарија.
Учесниците на дводневниот самит на ЕУ инсистираа дека Орбан мора да ја почитува декемвриската одлука на блокот од 27 земји-членки за финансирање на вооружените сили на Украина и економијата разурната од војна во следните две години, со која унгарскиот премиер првично се согласи, а потоа ја поништи.
Финскиот премиер Петери Орпо им изјави на новинарите пред самитот во Брисел дека Орбан „ја користи Украина како оружје во својата изборна кампања“.
„Тоа не е добро. Имавме договор и мислам дека тој нè предаде“, рече Орпо.
Службениците на ЕУ веруваат дека Украина, чија економија е во урнатини, мора да добие значителен дел од одобрениот заем од 90 милијарди евра до почетокот на мај. За да се случи тоа, потребно е да се постигне напредок во рамките на ЕУ во рок од две до три недели.
Орбан, жесток националист кој се смета за најблизок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин во ЕУ и почитуван од американскиот претседател Доналд Трамп, според повеќето анкети, заостанува зад опозициската партија Тиса пред парламентарните избори на 12 април.
Во предизборната кампања, унгарскиот премиер го претставува украинскиот претседател Володимир Зеленски како егзистенцијална закана за Унгарија. Орбан тврди дека Зеленски, заедно со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, сака да ја вовлече Унгарија во војна со Русија и дека неговиот реизбор е единствената гаранција за мир и безбедност.
Лидерите на земјите-членки на ЕУ денес ги критикуваа тврдењата на Орбан дека институциите на ЕУ се против него.






