Рашковски добива трет судија: изборот на Савески за јавен обвинител го враќа предметот отпочеток


Судскиот процес против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, повторно ќе се врати на почеток, откако судијата Ненад Савески беше избран за републички јавен обвинител. Со неговото заминување од судската функција, предметот ќе треба да биде прераспределен кај нов судија преку АКМИС системот, што значи дека ова ќе биде трет судија по ред кој ќе го води случајот.

Претходно, предметот во Основниот кривичен суд Скопје го водеше судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска, а по неа, постапката ја презеде Савески.

Станува збор за предметот „Софтвери“, кој веќе пет години се води пред судските органи, а се однесува на спорни тендери, набавка на софтвери и исплата на хонорари. Обвинението против Рашковски беше поднесено во октомври 2021 година, додека првостепената пресуда беше изречена во јули 2023 година, кога тој беше осуден на осум години затвор.

Сепак, Апелацискиот суд во средината на 2024 година ја укина пресудата и предметот го врати на повторно судење. Во моментов, постапката се наоѓа во фаза на изведување докази, но со новата прераспределба се отвора можност процесот дополнително да се пролонгира.

Во текот на повтореното судење, еден од обвинетите – професорот од ФИНКИ, Ивица Димитровски – призна вина. Постапката за него беше раздвоена, а на 17 декември 2025 година судот донесе пресуда врз основа на признание, со која тој беше осуден условно на две години затвор, со рок од пет години во кои не смее да стори ново кривично дело. Дополнително, му беше наложено да ја надомести штетата и му беше изречена забрана за учество во јавни набавки во период од пет години.

За останатите обвинети, меѓу кои и Рашковски, процесот продолжува, но со нов судија, што повторно го отвора прашањето за ефикасноста и времетраењето на судските постапки во високо профилираните случаи.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close