Битиќи: За економија која се смета трета во Европа, треба да се споредувате со Германија, а не со последните во Европа

,,Ова не може да се нарекува различно од кризна состојба за која веќе бевме сведоци неколку години. Конфликтот е започнат пред три недели, а нашите мерки ќе стапат на сила за 5-6 дена. Навистина е задоцнето – ова е исто како што ѓубрето не е исчистено пред празниците Бајрам и Велигден, а вие го чистите по нив“, вели екс-вицепремиерот за економски прашања и актуелен пратеник, Фатмир Битиќи по најавите на Владата дека утре ќе одржи седница на која ќе се носат мерки за ценовниот удар по воениот конфликт на Блискиот Исток.
Битиќи посочува дека ако во Владата расправаат само за една мерка, тоа би било неадекватно.
-Треба да видиме дали е само за да се донесе мерки туку така или навистина да се помогне на граѓаните. Ако треба да се интервенира и по цена на непродуктивните расходи…
Намалувањето на ДДВ за горивата од 18 на 5%, граѓаните ќе го почувствуваат. Во регионот веќе имате намалување на акцизата на горивата и замрзнати цени, а кај ако само се намали од 18 на 5%, граѓаните би заштедиле само 7 денари. Само тоа не е доволно, истакнува пратеникот, нагласувајќи дека ако се одеше на секојдневна промена на цената на горивата, немаше да имаме ваква амплитуда, но РКЕ веќе го промени членот.
Премиерот Христијан Мицкоски веќе ја бранеше владината позиција со споредба на цените на дизелот во соседството, наведувајќи дека во Албанија, Србија, Косово, Грција и Бугарија горивото е поскапо отколку во Македонија. На таквата констатација, Битиќи порачува дека за економија која се смета трета во Европа, не може да се споредувате со економиите од регионот кои се последни во Европа. Треба да се споредувате со Германија, на пример, вели пратеникот од СДСМ.
-Кубурата не се чува, ова се тешки времиња. Не кажувам дали Буџетот е празен туку бројките го покажуваат тоа. Расходите веќе се на ниво според планираното, но имате помали приходи за 6,7%. При немање на пари во Буџет и намалена ликвидност, како граѓанин ме загрижува што ќе не снајде во 2026 година. Се нудиме да најдеме решенија во полза на граѓаните, додава Битиќи во „Тема на денот“.
Извор: fokus.mk






