Уапсен маж осомничен за уцена од 5.000 евра сакал да ги изнуди со закани за објава на снимка

Полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода Г.Г. (34) од гостиварското село Чегране, под сомнение дека уценувал лице од тетовско село и му барал 5.000 евра.
Како што информираат од полицијата, приведувањето се случило на 21 март 2026 година во 21:55 часот во Гостивар, по претходна пријава од оштетениот. Според пријавеното, осомничениот испраќал заканувачки пораки преку телефон и барал пари, тврдејќи дека лицето му должи сума од 5.000 евра.
Воедно, тој се заканувал дека ќе објави снимка од разговор меѓу нив доколку не му бидат исплатени парите.
Од СВР Тетово велат дека по целосно документирање на случајот против осомничениот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.






