Стојановски поднесе оставка на клупата на Пелистер

Битолски Пелистер ќе ја продолжи битката за опстанок во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) со нов тренер, откако вечерва Милан Стојановски поднесе неотповиклива оставка на должноста.
Оставката на Стојановски доаѓа непосредно по денешниот пораз од Струга од 2-0 во рамки на 24 прволигашко коло, што го остави Пелистер во зоната на испаѓање како десеттопласиран со 22 бода, еден помалку од Македонија ЃП на деветтото и шест помалку од осмопласираната АП Брера.
„Како шеф на стручниот штаб, ја преземам целосната одговорност за резултати во пролетниот дел од сезоната и одлучив да поднесам оставка од функцијата. Сакам искрено да му се заблагодарам на клубот за укажаната доверба, на раководството за поддршката, на играчите за нивниот труд и залагање, како и на навивачите за нивната безрезервна поддршка во секој момент. Посебна благодарност и до градот Битола, кој секогаш стои зад својот клуб. На екипата ѝ посакувам многу среќа во продолжението од сезоната и остварување на целта – директен опстанок.“, изјави Стојановски на официјалната веб – страница на Пелистер.
Во следното коло, Пелистер ќе ѝ гостува на Шкендија на 5 април.

Back to top button
Close