Петер Маѓар се тестира за дрога, ако победи на изборите ќе мора и Виктор Орбан

Лидерот на опозициската партија ТИСА во Унгарија, Петер Маѓар , објави фотографија од Виена каде што замина за да направи тест на дрога од примерок земен од косата.

Пред изборите на 12 април, Маѓар е под постојан удар на медиумите контролирани од  Фидес на Виктор Орбан, кои сакаат да го прикажат како политичар склон кон забави, дрога и алкохол. Маѓар најави дека ако победи, тестовите за алкохол и за дрога ќе ги направи задолжителни за сите политичари, а резултатите од овој тест ќе ги објави веднаш штом ќе ги добие.

„Утрово го започнав денот во Виена, каде што побарав сеопфатен тест за дрога што ги опфаќа сите супстанции од сертифицирана австриска лабораторија. Примерок од коса може да открие употреба на дрога во долг временски период.

Како што и претходно сум кажал, никогаш не сум користел дрога, но бидејќи раководството на Фидес, кое редовно користи дрога, и нивната пропагандна машина постојано ме обвинуваат за тоа, сега ќе го докажам ова со официјален тест. Штом ги добијам резултатите, ќе ги објавам. Под влада на ТИСА, ќе воведеме редовно тестирање за алкохол и дрога кај политичарите“, нашиша Маѓар на социјалните мрежи.

Back to top button
Close