Почнува судењето за железничката несреќа кај Темпи пред три години

Поради почетокот на судењето, грчката железница утрово започна 24-часовен штрајк, додека пак пред конгресниот центар закажани се и протести, а од Здружението „Темпи“ на роднините на загинатите и повредените бараат правда, но и да не се повтори трагедијата.
Железничката несреќа, една од најголемите во последните над 50 години во Грција, се случи кусо по 23 часот на 28 февруари 2023 година кога два воза, патнички и товарен движејќи се по иста шина, но во спротивна насока директно се судрија и животот го загубија 57 лица, поголемиот дел од нив студенти, а над 100 беа повредени, од кои 32 сериозно.
Со оглед на тоа што станува збор за обемен процес, со 36 обвинети и 353 сведоци, се проценува дека судењето може да трае и до две години.

Меѓу обвинетите се: одговорниот на железничката станица во Лариса, од каде што возот, по направената планирана станица продолжи кон крајната дестинација – Солун, а токму одговорниот дал наредба двата воза да се движат по иста шина; неговите колеги кои биле на смена истата вечер, но си заминале порано; нивниот претпоставен; 28 поранешни раководители и вработени во железницата, во компанијата за железнички инфраструктурни проекти и во Регулаторната комисија за железницата; двајца сега веќе поранешни директори од Министерството за транспорт и инфраструктура, како и двајца поранешни високи функционери на „Hellenic Train“.
Од оние кои ќе седнат на обвинителна клупа, 33 лица кривично се гонат за „опасна интервенција во железничкиот сообраќај со евентуална умисла“ за што може да се изрече казна и доживотен затвор, а дополнително се товарат и за прекршочни дела, односно убиство од небрежност во повеќе случаи, тешка телесна повреда од небрежност и лесна телесна повреда од небрежност од одговорно лице во повеќе случаи.
Од 352 сведоци, мнозинството, односно 230 ќе го поддржат обвинението и станува збор за роднини на жртвите, преживеани, адвокати итн., додека пак останатите 122 сведоци се оние кои дале исказ за околностите на несреќата во текот на истрагата.
Во судскиот процес вклучени се над 200 адвокати, додека пак судскиот предмет содржи над 500 документи.

Судскиот предмет го опфаќа сложениот синџир на одговорности: од работењето на станицата во Лариса и начинот на вработување на кадарот, преку проектите за сигнализација и недостигот на дигитален систем за контрола и следење на возовите, одговорностите на компаниите поврзани со железницата, па сè до највисоките нивоа на надзор над железничкиот систем – Регулаторната комисија и Министерството за транспорт.
Коментарите во Грција се дека судењето што започнува денеска е историски судски процес, со оглед на тоа што станува збор за една од најтрагичните несреќи во земјата.

Роднините бараат правда „за да нема ново Темпи“
Во изминатите три години семејствата и роднините на жртвите, но и граѓаните во Грција преку низа протести, од кои ланските беа едни од најмасовните во земјата, континуирано бараат правда и со нетрпение го очекуваа процесот за да добијат одговори на сите, досега неодговорени прашања по несреќата, околу причините, одговорностите и сл.
Во пресрет на почетокот на судењето, од Здружението „Темпи“ на роднините на загинатите и повредените во железничката несреќа, преку соопштение уште еднаш повторија дека „овој криминал нема да се прикрие“, потсетија на масовните протестите низ цела Грција на тригодишнината од несреќата на 28 февруари, кога беше испратена пораката: „или нивниот профит или нашите животи“.

Паралелно ги повикаа синдикатите, студентските здруженија и сите оние кои „на 28 февруари ја покажаа огромната сила на организираната борба и кои не дозволуваат овој криминал да се прикрие, кои бараат осуда на виновниците без разлика колку високо се наоѓаат“ да им дадат поддршка.
– Да се собереме повторно заедно во понеделник, на 23 март, на почетокот на судењето во Лариса. Оваа битка е и нашата голема поткрепа за вистинска правда за нашите сакани. Борбата за откривање на вистината не смее и не може да остане само во судницата. За да не се повтори уште едно Темпи!, порачаа од здружението.

Конгресниот центар претворен во суд
Со оглед на тоа што станува збор за обемен процес, со голем број обвинети и сведоци, а судовите во Лариса не располагаат со толкави капацитети, беше одлучено конгресниот центар на Универзитетот Тесалија, што се наоѓа на околу три километри од центарот на градот, да се преадаптира во суд.
Една од просториите, со површина од 283 квадратни метри и капацитет од 500 лица е претворена во судница, додека пак другите се помошни, за новинари, адвокати, каде што ќе бидат поставени монитори за следење на рочиштата.
Целиот објект е под силни безбедносни мерки, а уште во текот на летото беше поставена ограда





