Милијардерот кој ја редефинираше онлајн индустријата ја загуби битката со ракот

Сопственикот на платформата Онлифанс (OnlyFans), украинско-американскиот милијардер Леонид Радвински, почина на 43-годишна возраст по долга борба со рак, соопшти компанијата. Во официјалната изјава се наведува дека тој „починал мирно“, додека семејството побарало приватност во овој тежок период.
Радвински беше директор и мнозински сопственик на компанијата „Fenix International“, која стои зад „ОнлиФанс“, платформа што им овозможува на креаторите да заработуваат преку претплати. Тој ја презеде компанијата во 2018 година и одигра клучна улога во нејзиниот експлозивен раст, особено за време на пандемијата, кога милиони корисници се свртеа кон онлајн содржини.
Роден во Одеса, Украина, Радвински се преселил во САД каде што израснал и дипломирал економија на Универзитетот „Нортвестерн“. И покрај огромното богатство, беше познат по тоа што ретко се појавуваше во јавноста, водејќи ги своите бизниси далеку од медиумското внимание.






