Штајнмаер: Војната против Иран е катастрофална политичка грешка и кршење на меѓународното право
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер упати остри критики кон одлуката на претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп за повлекувањето од нуклеарниот договор со Иран и започнување на, како што ја нарече, „нелегална“ војна против Техеран, оценувајќи дека станува збор за директно прекршување на меѓународното право.

– Според мое мислење, оваа војна е кршење на меѓународното право – изјави Штајнмаер во говорот одржан во германското Министерство за надворешни работи. Тој додаде дека оправдувањето за наводна закана од непосреден напад врз САД е невалидно – став што, според него, го делат и делови од самата американска администрација.
Штајнмаер, кој претходно беше министер за надворешни работи, потсети на нуклеарниот договор од 2015 година во чија подготовка лично учествуваше. Тој оцени дека повлекувањето на Трамп од договорот и изборот на воена опција претставува погрешен пристап за решавање на кризата.
– Оваа војна е политички катастрофална грешка. Најмногу фрустрира фактот што станува збор за војна која можеше целосно да се избегне доколку вистинската цел беше да се спречи Иран во развојот на нуклеарно оружје – нагласи Штајнмаер во својата досега најостра јавна критика.
Германскиот претседател истакна дека почетокот на вториот мандат на Трамп означил длабок пресврт во германската надворешна политика, споредлив со последиците од руската инвазија врз Украина. Тој повика на поголема стратешка независност на Германија, повлекувајќи паралела меѓу односите со Москва и Вашингтон.
– Како што верувам дека нема враќање во односите со Русија од пред 24 февруари 2022 година, така сметам дека нема враќање ниту во трансатлантските односи од пред 20 јануари 2025 година – рече тој.
Според него, Германија мора да ги примени лекциите од намалувањето на прекумерната зависност од Русија и во односите со САД, особено во областа на одбраната и технологијата. Иако функцијата претседател во Германија е претежно церемонијална, Штајнмаер како шеф на државата има значително влијание врз јавната дебата.
Во тој контекст, тој предупреди и на технолошката доминација на САД и нејзиното влијание врз внатрешната политика преку дигиталните платформи.
Штајнмаер го спомена и неодамнешниот спор меѓу Пентагон и компанијата за вештачка интелигенција „Антропик“ (Anthropic) околу безбедносните стандарди како предупредување, но и можност за Европа.
– Европа како технолошки центар има талент, пазари и етички стандарди. Треба да го искористиме тоа – порача германскиот претседател.






