Сијарто призна дека му се јавувал на Лавров за време на клучните состаноци на ЕУ
Неговата изјава дојде откако „Вашингтон пост“ објави дека Сијарто рутински комуницира со Лавров за време на паузите на состаноците во Брисел, тврдење што унгарската влада претходно го отфрли како лажна вест

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто призна дека редовно контактира со својот руски колега Сергеј Лавров за време на состаноците зад затворени врати на министрите за надворешни работи на ЕУ. Неговата изјава дојде откако „Вашингтон пост“ објави дека Сијарто рутински комуницира со Лавров за време на паузите на состаноците во Брисел, тврдење што унгарската влада претходно го отфрли како лажна вест, пишува „Еуроњуз“.
Зборувајќи на предизборен митинг во Кештели, Сијарто синоќа ги потврди повиците. Тој посочи дека одлуките на ЕУ за енергетиката, автомобилската индустрија и безбедноста директно влијаат на односите на Унгарија со партнерите надвор од блокот.
„Да, овие прашања мора да се дискутираат со нашите партнери надвор од Европската Унија. Јас не разговарам само со рускиот министер за надворешни работи, туку и со нашите американски, турски, израелски, српски и други партнери, пред и по состаноците на Советот на Европската Унија. Можеби она што го кажувам звучи сурово, но дипломатијата е разговор со лидерите на другите земји“рече Сијарто.
Наводите се загрижувачки со оглед на тоа што земјите членки на ЕУ се обврзани од принципот на лојална соработка, а содржината на ваквите состаноци се смета за доверлива, наведува „Еуроњуз“. Европската комисија вчера ја повика Унгарија да ја разјасни ситуацијата, опишувајќи ги медиумските извештаи како загрижувачки.
Министерот, исто така, утринава објави видео на социјалните мрежи во кое ги отфрли тврдењата дека прекршил какви било безбедносни протоколи на состаноците на Советот за надворешни работи.
Тој додаде дека тајните не се дискутираат на министерско ниво.
„Секој министер, освен мене, го носи својот телефон во собата. Сугестијата дека постојат безбедносни протоколи спаѓа во категоријата бесмислици“,рече тој.
Откритијата доаѓаат во време на зголемени политички тензии пред парламентарните избори во Унгарија. Партијата Фидес на премиерот Виктор Орбан се соочува со силен предизвик од лидерот на опозицијата Петер Маѓар од партијата Тиса, која моментално води на анкетите.
Владата на Орбан е една од ретките во Европа што одржува редовни врски со Кремљ. Унгарија, исто така, продолжува да увезува големи количини фосилни горива од Русија, и покрај притисокот од ЕУ да ја намали својата енергетска зависност од Москва.
Сијарто ја посети Москва 16 пати откако Русија започна целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година. Неговата последна посета беше на 4 март, кога се сретна со рускиот претседател Владимир Путин во Кремљ.






