Казната за возење без билет во јавниот превоз во Солун и Атина се зголемува на 100 евра
Зголемување на казната за речиси 30 евра за оние кои не користат билет во јавниот превоз; построги казни за насилство врз контролори; општествено корисна работа за оние кои го вандализираат јавниот превоз; субвенции до 20.000 евра за електрични такси возила, се главните одредби од новиот закон на Министерството за транспорт на Грција што доцна синоќа беше изгласан во Парламентот, јави дописничката на МИА од Атина.
Казната за возење без билет во автобусите, метрото, трамваите, тролејбусите во Атина, но и во јавниот превоз во Солун, од 72 евра колку што беше досега, се зголемува на 100 евра.
За оние кои имаат право на билет по намалена цена, казната се зголемува за 16 евра и сега изнесува 50 евра, а предвидена е можност да се намали за половина доколку прекршителот купи месечна карта со неограничени возења.
Дополнително, предвидени се построги казни за напади врз контролорите и повеќе нема да се третираат како изолирани инциденти, туку како дејствија што го нарушуваат функционирањето на јавниот превоз и безбедноста на граѓаните и ќе се гонат по службена должност.
За случаите на вандализам на инфраструктурите на јавниот превоз, за првпат се воведува можност за изрекување задолжителна општествено корисна работа за сторителите.
Во пракса, како што информираа од Министерството за транспорт на Грција, мерката предвидува дека, освен административните или кривични санкции, сторителите ќе можат, наместо парична казна, да бидат обврзани да учествуваат во активности за санација на штетите што ги предизвикале, како чистење, поправка на оштетувањата итн.
Во однос на такси превозот, со оглед на тоа што таксистите во цела Грција одржаа низа штрајкови токму поради конкретниот закон, а вчера протестираа пред Парламентот, од Министерството за транспорт информираа дека „законот нуди решенија за долгогодишни нерегулирани прашања и ја зајакнува транспарентноста и функционалноста на пазарот, без да се менува постојниот режим на лиценци“.
Паралелно се воведува можност за замена на хартиените лиценци со дигитални, преку кои ќе се овозможи брза проверка на автентичноста, со што се ограничуваат неправилностите и се зајакнува транспарентноста на пазарот.
Во однос на замената на возилата со електрични, а зашто таксистите бараа да биде постепена процедура, од надлежното Министерство информираа дека „законот не воведува нови обврски, туку го прецизира и рационализира постоечкиот систем“, а обврската се однесува исклучиво на обновување на лиценцата, „се применува постепено, зафаќајќи мал дел од возниот парк“.
Дополнително, предвидена е субвенција до 20.000 евра за набавка на електрично возило, која се исплаќа директно при купување, намалувајќи го почетниот инвестициски трошок.
– Се појаснува дека законот не го менува начинот на функционирање на такси-пазарот, не го зголемува бројот на лиценци и не ги нарушува правата на професионалните возачи, отфрлајќи ги тврдењата за „либерализација“ на пазарот, соопштија до Министерството за транспорт на Грција.
За новиот закон, додадоа дека транспортниот систем добива појасни правила, зајакнати механизми за контрола и современи алатки за функционирање, „со цел унапредување на секојдневното движење и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните“.






