Десетици илјади на марш во Буенос Аирес во спомен на жртвите на диктатурата

Синдикати, организации за човекови права и левичарски групи вчера маршираа во спомен на жртвите на диктатурата, 50 години по воениот удар во Аргентина.

Десетици илјади луѓе маршираа низ центарот на Буенос Аирес до Пласа де Мајо, пред седиштето на Владата.

Демонстрантите носеа транспаренти со пораки „Nunca más“ (Никогаш повеќе), како и фотографии од лица кои „исчезнале“ по киднапирања за време на воената диктатура. Дел од учесниците извикуваа пароли против владата на ултралибералниот претседател Хавиер Милеј.

Активистите за човекови права проценуваат дека до 30.000 левичарски активисти, синдикалци, студенти и противници на режимот исчезнале за време на владеењето на хунтата од 1976 до 1983 година, а судбината на многумина и натаму е непозната.

Многу политички затвореници биле фрлани живи од авиони на морнарицата над реката Рио де ла Плата во таканаречените „летови на смртта“, додека други биле убиени и закопани без обележја.

Активистите сметаат и дека војската предала околу 500 бебиња и мали деца на противници на режимот на згрижувачки семејства под лажни идентитети. Во последните години, идентификувани се бројни жртви на оваа практика.

Back to top button
Close