Обложувач заработил речиси еден милион долари на „Полимаркет“ со извонредно прецизни облози за Иран
Си-ен-ен
Играч заработил речиси милион долари од 2024 година благодарение на десетици прецизно темпирани облози на платформата „Полимаркет“ (Polymarket), со кои точно ги предвидел воените акции на САД и на Израел против Иран, покажува анализата на компанијата „Баблмапс“ (Bubblemaps) доставена до Си-ен-ен.
Обложувачот успешно погодил неверојатни 93 % од своите петцифрени облози за Иран иако настаните што ги предвидел биле ненајавени воени операции. Тој имал шема на извонредно точни облози вклучувајќи ги и оние поставени неколку часа пред израелските напади во октомври 2024 година, потоа неколку часа пред американските воздушни напади врз иранските нуклеарни постројки во јуни 2025 година и само неколку часа пред заедничкиот ненадеен напад на САД и Израел во февруари, со кој почна сегашната војна.
Наодите на „Баблмапс“, аналитичка компанија што ги следи блокчејн-трансакциите, ја истакнуваат растечката загриженост за потенцијално тргување со инсајдерски информации на пазарите за предвидување, каде што корисниците може да се обложуваат на сè – од спорт до избори и војни.
„Сето ова силно укажува на инсајдерска активност, со оглед на износите што ги остварил, пазарите на кои играл, времето на неговите трансакции, нивниот успех и фактот дека сметките меѓусебно се поврзани на блокчејнот. Тоа го сметам за многу сомнително“, изјави за Си-ен-ен извршниот директор на „Баблмапс“, Ник Вајман.
Не е јасно дали играчот идентификуван од „Баблмапс“ навистина имал привилегирани информации бидејќи сметките што ги користел се анонимни. Облозите се поставуваат на меѓународната верзија на „Полимаркет“, која не е под директен надзор на американските регулатори.
Комисијата за тргување со стоковни фјучерси (CFTC), федералната агенција што ги регулира пазарите за предвидување, минатата година му одобри на „Полимаркет“ да нуди тргување за американски клиенти. Иако нивната американска страница сè уште не е целосно оперативна, експертите велат дека Американците лесно пристапуваат до офшор-страницата преку виртуелна приватна мрежа (VPN). Ова одобрување дојде откога администрацијата на Трамп ја затвори кривичната истрага од времето на Бајден за тоа дали платформата неправилно им дозволувала пристап на американските корисници.
Од минатата недела „Полимаркет“ објави нови правила за да ги разјасни категориите на забрането инсајдерско тргување. Тие забранија тргување врз основа на информации што корисниците се законски обврзани да ги чуваат во тајност, како и за лица на „позиција на авторитет или влијание“, кои може да влијаат врз исходот на настаните. Главниот правен директор на компанијата, Нил Кумар, нагласи дека овие правила ја зајакнуваат веќе постојната инфраструктура за усогласеност.
„Премногу добро за да биде вистина“
Тод Филипс, професор по финансии на Државниот универзитет во Џорџија и поранешен член на советодавниот одбор на CFTC, изјави дека забележал црвени знамиња кај тргувањата поврзани со Иран, евидентирани од „Баблмапс“ (Bubblemaps).
Повеќето професионални играчи обично имаат стапка на добивка малку над 50 %, вели Филипс. Анализата на „Баблмапс“ покажа дека овој обложувач имал вкупна стапка на успех од 83 %, па дури и 93 % кај облозите поголеми од 10.000 долари, со вкупна добивка од речиси 967.000 долари.
„Или ова лице има неверојатна среќа или станува збор за инсајдерско тргување. Стапката на успех од 80 до 90 отсто е премногу добра за да биде вистина. Ова ми изгледа како нешто сомнително“, нагласи Филипс.
Иако многу од високопрофитабилните облози биле направени само неколку часа пред воените активности на САД или Израел, други облози биле поставени денови или недели однапред, што според Филипс е помалку индикативно за инсајдерска активност.
Некои од сметките поврзани со овој корисник сè уште се активни на „Полимаркет“ (Polymarket). Иако нивните најпрофитабилни облози се однесуваа на Иран, тие исто така поставија десетици помали облози на разни спортски настани.
Војната во Иран ги стави во центарот на вниманието платформите како „Полимаркет“ и „Калши“ (Kalshi), уште една популарна страница за обложување. Пратениците и владините надзорни тела изразија загриженост за потенцијално инсајдерско тргување и за таканаречените пазари на смртта по облозите за судбината на врховниот лидер на Иран.
„Калши“, која го забранува инсајдерското тргување, работи целосно во САД откако минатата година доби одобрение од CFTC. Компанијата во понеделникот објави нови мерки за заштита против инсајдерско тргување вклучувајќи и дополнителни проверки за спортисти и политичари што ја користат платформата.
Претходно, извршниот директор на „Полимаркет“, Шејн Коплан, во изјава за „Аксиос“ (Axios) во ноември ја промовира улогата на потенцијалните инсајдери велејќи дека е „супер кул“ што неговата платформа „создава финансиски поттик за луѓето да одат и да ги откријат информациите“.
Каде е црвената линија?
Сега веќе постои добро воспоставен модел на сомнително темпирани тргувања на страниците за обложување, првенствено на „Полимаркет“, секогаш кога ќе се случат големи геополитички настани. Тоа се случи пред американските сили да го заробат венецуелскиот моќник Николас Мадуро во јануари, а слични примери имаше и за време на војната во Иран.
Всушност, истражителите во Израел неодамна обвинија две лица, вклучително и воен резервист, за наводно користење класифициран материјал за обложување на „Полимаркет“ за време на војната против Иран минатата година, според локалните извештаи.
Загрижени за овој тренд, сè поголем број американски пратеници од двете партии неодамна предложија ново законодавство со кое ќе им се забрани на федералните службеници да користат нејавни информации за обложување на такви платформи. И CFTC неодамна објави упатства со кои ги потсетува одобрените оператори дека инсајдерското тргување е нелегално и дека агенцијата може да истражува и да поведува граѓански мерки за спроведување на законот.
Секако, ризици од инсајдерско тргување постојат на сите финансиски пазари, вклучително и на Волстрит. Правната дефиниција во САД е тесна и главно се фокусира на трговците кои имаат законска обврска да ги чуваат одредени информации како приватни.
Џејсон Трост, извршен директор на „Смаркетс“ (Smarkets), регулирана страница за обложување со седиште во Обединетото Кралство, рече дека постојат ситуации каде што вредните информации се „теоретски достапни за сите“, но тешко се наоѓаат – како што се нејасни сателитски снимки или случајно слушнат разговор меѓу соседи. Ова, според Трост, не се смета за инсајдерска активност.
„Колку повеќе такви информации влегуваат на пазарот, толку подобро“, рече Трост. „Но, ако знаете за нешто што допрва ќе се случи, а тоа е суштинска нејавна информација, тогаш тоа е ‘црвената линија’“.






