Бугарија привремено укина некои санкции кон Русија поради делови за „Козлодуј“


Владата на Бугарија денеска соопшти дека привремено се укинати некои санкции кон Русија за да се овозможи набавка на резервни делови за нуклеарната централа „Козлодуј“.

Советот на министри ја овласти нуклеарната централа „Козлодуј“ да ги увезе потребните резервни делови од Русија и да прими техничка помош во рамките на експлицитно наведените договори, пренесе бугарското национално радио.

Бугарската влада соопшти дека главен приоритет во работата на постројката е одржување на највисоко ниво на техничка и нуклеарна безбедност, како и дека, бидејќи голем дел од системите и опремата се од руско потекло, некои испораки за сигурна работа на блоковите 5 и 6 на нуклеарката „Козлодуј“ мора да бидат извршени од руски изведувачи.

Нуклеарната централа „Козлодуј“ е единствената нуклеарна централа во Бугарија и е најголем производител на електрична енергија во земјата, каде што обезбедува повеќе од една третина од годишното производство на струја. Одлуката за привремено укинување на санкциите кон Русија е донесена откако руските мембрани на нуклеарната централа беа заменети со бугарски, што доведе до серија прекини во работата на блокот 6 и загуби од десетици милиони евра.

Back to top button
Close