ОН: Трансатлантската трговија со робови е „најсериозното злосторство против човештвото

Генералното собрание на Обединетите нации ја класифицираше трансатлантската трговија со робови како „најсериозно злосторство против човештвото“ во усвоената резолуција во која се бара и враќање на културните артефакти во нивните земји на потекло.

Резолуцијата ја предложи Гана, а ја поддржаа 123 земји. Израел, САД и Аргентина гласаа против. Резолуциите на Генералното собрание на ОН не се правно обврзувачки.

 

Во резолуцијата се наведува дека поробувањето на Африканците и трансатлантската трговија со робови треба да се сметаат за „најсериозно злосторство против човештвото“ поради обемот, времетраењето, системската природа, бруталноста и трајните последици од злосторството, објави германска ДПА.

 

Американскиот претставник ја критикуваше резолуцијата, велејќи дека Обединетите нации не се основани за да промовираат специфични програми или како што тој опиша – специјализирани меѓународни годишнини.

 

Гласањето се совпадна со Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на ропството и трансатлантската трговија со робови.

 

Помеѓу 16-ти и 19-ти век, европските колонијалисти поробувале милиони Африканци и ги депортирале во Америка и Карибите, од кои многумина умирале за време на патувањето.

 

Велика Британија ја укина трговијата со робови во 1807 година, а ропството официјално беше забрането во САД во 1865 година.

 

Обединетите нации го забранија ропството низ целиот свет со усвојување на Универзалната декларација за човекови права во 1948 година

Back to top button
Close