Николоски: Блокираните ДУП-ови се причина за 2.500 евра квадрат во Скопје и 4.000 евра во Охрид

Блокираните ДУП-ови се причина за ограничување на понудата на станови, што неизбежно води до раст на цените, кои достигнуваат и до 2.500 евра квадрат во Скопје и 4.000 евра во Охрид, изјави министерот за транспорт, Александар Николоски, на денешната седница за пратенички прашања во законодавниот дом.

Во одговор на прашањето од пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ кој обвини за негрижа кон работничките семејства и толерирање шпекулации на пазарот,  министерот Николоски возврасти дека високите цени се директна последица на блокирањето на урбанистичките планови и хистеријата што се создава против градежништвото особено во некои скопски општини и Охрид од страна на Левица и нивните коалициски партнери.

Во својот одговор, министерот за транспорт Николоски нагласи дека токму политиките на Левица и создавањето отпор кон секој нов детален урбанистички план во скопските општини ја ограничуваат понудата на станови, што неизбежно води до раст на цените според основните економски законитости.

– Добро е да знае македонската јавност дека една од основните причини зошто цената на станбениот квадрат во неколку скопски општини и во остатокот од државата, која инаку е релативно коректна, е ваква каква што е, е заради хистеријата што вие и вашите прокси-коалициски партнери ја создавате. Имено, во Македонија во моментов да се донесе детален урбанистички план се смета за поголемо злодело отколку да се убие човек на улица – изјави Николоски.

Вели во повеќе скопски општини, како Центар, Карпош, Аеродром, Кисела Вода, Гази Баба и Чаир, не се носат планови поради притисокот од јавноста, а слична е ситуацијата и во Охрид каде, поради строгите забрани за градба, цената на квадратот достигнала 4.000 евра.

– Еве за урбанизацијата, вашата политика ја следиме и резултат на вашата политика е 2.500 евра за квадрат. И ако продолжиме со оваа политика, 5.000 евра за квадрат ќе биде, затоа што е едноставно, ако нема градба, ако нема понуда, а има побарувачка, цените ќе одат нагоре. Многу е едноставно, пазар е тоа – посочи Николоски.

Се осврна и на законските измени за олеснување на постапките за изградба на маркети и хотели надвор од урбаните јадра, потенцирајќи дека овие мерки се носат со цел да се привлечат инвеститори, да се зголеми конкуренцијата и да се намалат цените на производите преку разбивање на монополите, обвинувајќи ја опозициската партија за политички популизам кој, вели, удира на штета на граѓаните.

– Што е проблемот да се градат хотели во Македонија? Го олеснуваме процесот за маркети, затоа што сами зборувате дека инфлацијата галопира, дека цените на храната отишле нагоре … Менуваме правилник со кој овозможуваме побрзо да оди урбанизацијата, со цел да можат да се градат нови маркети и да се создаде конкуренција. Имаме најава веќе од два големи ланци „Лидл“ и „Шпар“ веќе се тука … Вие повторно да не пропуштите соопштенија, па сте нè измонтирале мене и премиерот со оној што ве формираше, прашајте го Димитар Апасиев како сте формирани. Со директна материјална поддршка од Сашо Мијалков, кого сега го обвинувате за градење на хотел во Охрид и дека ние не сме го спречиле. Прашајте и која ви беше улогата во 2015 година, да ја рушите Шарената револуција на овие што ја правеа. И сега правите монтажа и на таа слика нè обвинувате зошто полесно во државата ќе се градат хотели надвор од градовите – одговори Николоски.

Back to top button
Close