Трамп: Иран дозволи премин на 10 танкери за нафта низ Ормуската Теснина, тоа е голем подарок

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека Иран дозволил 10 танкери за нафта да поминат низ Ормуската Теснина, оценувајќи дека овој потег ја покажува сериозноста на Техеран во преговорите за ставање крај на војната.
На состанокот на министрите во Белата куќа, Трамп рече дека тоа е „многу голем подарок“ од Иран, кој „вреди огромна сума пари“.
– Тие рекоа, за да ви покажеме дека сме сериозни и цврсти, ќе дозволиме осум бродови со нафта. Осум големи бродови со нафта. И беа сериозни, на крајот испаднаа 10 бродови – рече Трамп и додаде дека бродовите пловеле под пакистанското знаме.
Трамп врши притисок врз Иран да се согласи на договор што ќе обезбеди премин на танкери за нафта низ Ормуската Теснина и ќе ја прекине нуклеарната програма на Техеран.
Американскиот претседател денеска изјави и дека Иран „моли за договор“, еден ден откако Техеран го отфрли неговиот план за прекин на огнот од 15 точки, пренесе Бета.
Иран им забранува на бродовите што ги смета за поврзани со воените напори на САД и Израел да поминат низ Ормуската Теснина, но дозволува мал број други бродови да поминат низ важниот воден пат, кој транспортира 20 проценти од светската нафта.
Бројот на жртви од војната, која почна на 28 февруари, се искачи на повеќе од 1.900 во Иран и речиси 1.100 во Либан, а десетици други се убиени во Израел и други земји од Блискиот Исток. Исто така, беа убиени 13 припадници на американската армија. Милиони се раселени во Либан и Иран.






