Избрани четворица нови обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција
Советот на јавните обвинители на денешната 40-та седница донесе одлука за избор на Енѓелуше Кадриу-Леши, Александар Марковски, Ана Гоговска-Јакимовска и Ана Стојковиќ-Димитриовска за нови јавни обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Претседателот на Советот, Башким Селими, на почетокот информира дека на огласот за пет јавни обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција пријави поднеле осум кандидати, а Трајче Пеливанов и Артан Ајро ги повлекле кандидатурите и нема да се разгледуваат.
Советот, по разгледување на кандидатурите, на јавно гласање не ги изгласа кандидатите Марија Горѓиева, Валентина Бислимовска, Сузана Мирческа-Кузмановска и Ивана Алексовска-Трајчевска.
Членот на Советот, Светлана Стојковиќ, во своето излагање се осврна на измените на мандатот на јавните обвинители во ОЈО ГОКК од четири на седум години во новото предлог законско решение посочувајќи дека петмина од пријавените кандидати веќе имаат по два мандати во ОЈО ГОКК, што значи веќе осум или повеќе години мандат во ова обвинителство.
Според Стојковиќ, мандатот од седум години не е прекраток за да се даде свој придонес во ова обвинителство, а доволен за да не се дозволи акумулација на моќ.
– Сите се квалитетни јавни обвинители со докажана стручност. Но би го дала својот глас за трите обвинители од ОЈО Скопје, кои не работеле во ОЈО ГОКК, а со својата биографија и досегашната работа ја заслужуваат шансата – изјави Стојковиќ.
Кети Петкова се согласи со ставот на Стојковиќ посочувајќи дека својот глас ќе го даде за тројцата што немаат работено во ОЈО ГОКК, но и за Кадриу Леши-Ингуша, со оглед на тоа, како што рече, треба да се запази и правичната застапеност.
Државниот јавен обвинител Ненад Савески,рече дека не учествувал во интервјуата, но ги проучил материјалите за сите осум кандидати, и сите ги познава и е запознаен со нивната работа посочувајќи дека својот глас ќе го даде за тројцата кандидати што не доаѓаат од ОЈО ГОКК, со оглед на, како што рече, својот став дека треба да се даде шанса.
– Секогаш сум поборник секој да ја добие шансата и да се реализира на одредена позиција. Тројца од кандидатите не се дел од ОЈО ГОКК. За сите кандидати од ОЈО ГОКК имам високо мислење и се квалитетни во своето работење. Мојот главен критериум е тоа дека на секој од јавните обвинители надвор од подрачјето на Скопје треба да им се даде можност да се пронајдат во едно обвинителство. Искрено, мене ме разочарува тоа што за пет места има само осум кандидати. Сакам на сите обвинители да им се даде шанса и да веруваат дека ќе им се даде можност да напредуваат во кариерата – изјави Савески.






