Ќе поевтинат ли бензините – нова одлука на Регулаторната комисија за енергетика

Граѓаните со нетрпение ја очекуваат денешната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, која треба да соопшти помали цени за бензините и непроменета или минимално зголемена цена за дизел-горивата. Премиерот, Христијан Мицкоски, викендов изјави дека очекува намалување за 2 денари на безоловните бензини, и иста цена или минимално зголемување за половина денар на дизелот. Според него, намалување на ДДВ што го направи Министерството за финансии, директно имплицира позитивен ефект.

Тој рече дека и натаму не размислуваат на рестрикции и на забрани.

– Засега, немаме потреба од рестрикции и забрани. Имаме доволно количества. Ја следиме состојбата и неделава, и доколку има потреба, мерката ќе биде продолжена за уште две недели или евентуално ќе се оди со нова мерка со акцизите – истакна Мицкоски.

Според последните податоци на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), малопродажните цени на нафтените деривати изнесуваат: еуросупер БС – 95: 86,5 ден/литар, еуросупер БС – 98: 88,5 ден/литар, еуродизел БС (Д-Е V): 95,5 ден/литар, масло за горење екстра лесно 1 (ЕЛ-1): 92,0 ден/литар и мазут М-1 HC: 51,073 ден/килограм.

Опозицијата ги оцени владините антикризни мерки за задоцнети и нецелосни.

– Македонија е единствената земја во регионот, веројатно, во Европа, која воведува мерки, а цените на горивата растат. Почна спиралата на покачување на цените на храната. Сè е поскапено, сите основни прехранбени продукти се поскапени за повеќе од 10, 20, 30 отсто, млечни производи, јајца, зејтин, овошје, зеленчук… И да почне да се намалува цената на нафтата, тие цени нема да се вратат. Мерки со кои цените на горивата растат – каде го има тоа? Никаде. Не знам што објаснува премиерот кога вели дека ќе има само мало поскапување на дизелот. Вели и дека ја следат ситуацијата. Што следат, ако ништо не прават? Дали се само неми набљудувачи или се Влада која треба нешто да направи за да им помогне на граѓаните? Ние сме, очигледно, единствената земја во регионот и, веројатно, во Европа што воведува мерки, а цените на горивата растат, истакна лидерот на СДСМ, Венко Филипче, според кој, граѓаните навистина ќе почувствуваат корист со намалување или барем со ограничување на цените.

 

Повеќе

Back to top button
Close