Поголеми казни за силувачите на 14-годишно девојче во Велес, но првообвинетиот избегал од куќен притвор

Затворските казни на сите 13 осуденици од Велес, кои повеќе од една година сексуално злоставуваа и силуваа 14-годишно девојче, се зголемуваат, соопшти Апелација. Првостепената пресуда, која ја донесе Кривичниот суд во ноември 2024 година, предизвика бурни реакции во јавноста, откако на обвинетите им беа изречени казни кои беа под законски пропишаниот минимум за делата кои ги извршиле.

Првообвинетиот во случајот, Стефан Димовски, кој беше во куќен притвор, но во меѓувреме избегал, сега доби осум и пол години затвор, наместо првично изречените пет и пол години. Нему во отсуство му е определен ефективен притвор. Второобвинетиот, Дејан Спасиќ, кој првично беше осуден на четири години затвор, сега доби казна од шест и пол години. Повисоки казни има и кај трето и четвртообвинетите – од четири на осум и пол години, односно на седум и пол години затвор.

Четвртообвинетиот исто така бил фатен како го прекршува куќниот притвор и ќе оди во затворски. Кај останатите осудени казните се движат од една до шест години.

Back to top button
Close