Бујар Османи тврди: Околу 250 илјади граѓани имаат бугарски пасоши и индивидуално уживаат во правата на ЕУ
Поранешниот министер за надворешни работи и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи во статус напишан на албански и англиски јазик и објавен на Фејсбук, ја обвини ВМРО-ДПМНЕ за поткопување на процесот на интеграција на Македонија во Европската Унија, наведувајќи три главни причини кои, според него, го одржуваат овој курс стабилен. Но, и објави тврдење дека околу 250 илјади македонски граѓани поседуваат бугарски пасош.
„Постојат три причини кои дејствуваат истовремено и го прават овој курс стабилен“, објави Османи.
„Оваа влада е формирана со поддршка на европска политичка елита скептична кон ЕУ, позната како канал на руско влијание во рамките на Унијата. Оваа поддршка нема за цел да ја забрза интеграцијата, туку да ја ослабне и релативизира на Балканот“, нагласува тој.
Како втор фактор, Османи го спомена недостатокот на внатрешна политичка противтежа.
„Албанскиот фактор историски бил гаранција за евроатлантската ориентација. Денес, со заробена и бестежинска репрезентативност како ВЛЕН, оваа противтежа недостасува. За првпат, нема вистински отпор кон овој курс“, посочува Османи.
Во меѓувреме, третата причина е поврзана со однесувањето на електоратот.
„Околу 250 илјади граѓани добија бугарски пасоши и индивидуално уживаат во правата на ЕУ. Тие ги имаат придобивките, без да бидат заинтересирани за трошоците за реформите. Кога електоратот ќе го добие „морковот“, тој не бара „стап“, смета екс-министерот.
Како заклучок, Османи оценува дека сегашната ситуација не е случајна.
„Во оваа комбинација – притисок однадвор, вакуум одвнатре и недостаток на притисок од долу – блокадата на интеграцијата не е случајна. Тоа е резултат на нова политичка рамнотежа“, заклучува поранешниот шеф на македонската дипломатија.






