Фицо: Ако го обвинувате Сијарто за помош на Русија, обвинете ги сите 26 членки на ЕУ

Словачкиот премиер Роберт Фицо денеска изјави дека секој што го обвинува унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто за помагање на Русија при отстранувањето на одредени лица од списокот со санкции на ЕУ, мора да ги обвини и сите 27 земји-членки на Унијата.
По заедничката седница на чешката и словачката влада кај Острава, Фицо појасни дека за некој да биде избришан од списокот со санкции, потребна е согласност од сите членки. – Ако 27 држави заклучат дека правниот случај против некого е слаб, тогаш тоа лице се иззема. Не можете да обвинувате само еден човек, туку сите 27 држави – истакна Фицо.
Поводот за оваа реакција се протечените снимки од разговорите меѓу Сијарто и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, во кои унгарскиот министер ветува помош за изземање на сестрата на олигархот Алишер Усманов од санкциите. Фицо потсети дека токму Словачка прва го отворила прашањето за лицата кои се нашле на списокот без силни правни аргументи, наведувајќи пример на словачки државјанин чиј бизнис и приватен живот биле уништени пред неговото успешно изземање.
Словачкиот премиер додаде дека по тој успех, на словачката Влада почнале да и се обраќаат и други државници, вклучувајќи го и турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и лидери од Централна Азија, со барања за помош за други санкционирани лица со слични правни основи.






