Велика Британија испраќа дополнителни сили во Персискиот Залив

Велика Британија испраќа дополнителни воени сили на Блискиот Исток за да ги поддржи сојузниците во одбраната на нивниот воздушен простор од ирански напади, пренесува ДПА.

За време на посетата на земјите од Персискиот Залив, британскиот министер за одбрана Џон Хили најави дека Лондон ќе го распореди ракетниот систем за противвоздушна одбрана „Скај Сејбер“ во Саудиска Арабија и ќе ја продолжи мисијата на борбените авиони „Тајфун“ во Катар. Дополнителни тимови и системи за противвоздушна одбрана веќе се испратени во Бахреин и Кувајт.

Во рамки на посетите на Саудиска Арабија, Катар и Бахреин, Хили изјави дека „најдобрите британски сили“ ќе ги поддржат партнерите во регионот.

Системот „Скај Сејбер“, заедно со батерија на Кралската артилерија и експертски тимови, ќе биде распоредeн во Саудиска Арабија оваа недела. Тој вклучува радари, команден центар и лансирни рампи, а може да пресретнува ракети и авиони. Според британското Министерство за одбрана, системот ќе биде интегриран со пошироките саудиски и регионални системи за противвоздушна одбрана.

На средба со британски војници во воздухопловната база „Духан“ во Катар, Хили потврди дека авионите „Тајфун“ ќе продолжат со операции во земјата. Заедничката ескадрила на Кралските воздухопловни сили и Катар е распоредена во регионот од јануари, а претходно овој месец премиерот Кир Стармер најави испраќање на уште четири авиони.

Хили им се заблагодари на пилотите за учеството во мисии во Катар, Бахреин, Јордан и Обединетите Арапски Емирати. Операциите се изведуваат од почетокот на војната меѓу САД и Израел против Иран, кога земјите од Персискиот Залив беа изложени на ирански одмазднички напади со илјадници ракети и дронови насочени кон воени цели и енергетска инфраструктура.

Британските пилоти имаат остварено повеќе од 1.280 летачки часа во регионот, соопшти Министерството за одбрана, користејќи авиони „Тајфун“ и Ф-35, како и хеликоптери „Вајлдкет“ и „Мерлин“.

Хили додаде дека британска лесна повеќенаменска лансирна платформа пристигнала во Бахреин, заедно со експертски тим кој ќе помогне во нејзината интеграција во локалниот систем за одбрана со краток дострел.

Системот „Рапид Сентри“ веќе е распореден во Кувајт, каде се користи и систем за рано откривање и противдејство на беспилотни летала, што овозможува навремено детектирање на иранските дронови „Шахед“.

За време на посетата, Хили се сретна со емирот на Катар, кралот на Бахреин и воени претставници од регионот. Разговарано е за конфликтот на Блискиот Исток, безбедносната соработка и делумната блокада на Иран на Ормуската Теснина

Back to top button
Close