Загреб ја отфрла реториката од Белград како неоправдана
Потпретседателот на Владата и министер за внатрешни работи на Хрватска, Давор Божиновиќ, денеска оцени дека заканите од Србија кон Хрватска се целосно депласирани и порача дека нема никаква причина за таква реторика.
Коментирајќи ја одлуката на претседателот Зоран Милановиќ да го откаже состанокот на процесот Брдо-Бриони поради изјавите и постапките на српскиот претседател Александар Вучиќ, Божиновиќ нагласи дека со месеци се сведочи на неосновано заплашување на граѓаните на Србија со Хрватска.
– Со месеци сме сведоци дека граѓаните на Србија се заплашуваат со Хрватска. За тоа нема никаква потреба, ние не даваме никаква причина. Очигледно им недостигаат теми. Особено е непријатно тоа да се слуша денес, кога се потсетуваме на жртвата што ја дадоа хрватските бранители и народот во одбраната на Република Хрватска – изјави Божиновиќ по одбележувањето на 35-годишнината од акцијата „Плитвице“.
– Сите тие изјави се целосно депласирани. Можете да замислите колкав е нашиот и интересот на хрватските граѓани за тоа кој победил на изборите во Севојно – додаде министерот.
Во врска со аферата во Хрватскиот скијачки сојуз и потрагата по поранешниот директор Ведран Павлек, за кого е распишана меѓународна потерница поради сомнение за присвојување на повеќе од 30 милиони евра, Божиновиќ потврди дека се чека постапување на странските служби.
„Веќе неколку дена комуницираме дека постои правосудна соработка и дека предметот е кај правосудните органи на Турција. Кога таа постапка ќе заврши, ќе знаеме повеќе. Во моментов немаме нови информации“, рече тој.
Прашан за очекувањата од утрешниот дијалог меѓу претседателот Милановиќ и премиерот Андреј Пленковиќ, министерот изрази очекување за конструктивна расправа во интерес на националната безбедност на Хрватска.






