Силна бура ја погоди Хрватска: Затворени мостови, ветер над 160 км/ч
На Крчкиот мост утрово се измерени удари на орканска бура од дури 162 километри на час, а во текот на денот се очекуваат уште посилни налети, соопшти Поморскиот метеоролошки уред во Риека.

Државниот хидрометеоролошки завод на Хрватска издаде црвен метеоаларм, односно предупредување за опасно време, за подрачјето на Велебитскиот канал, како и за регионите на Риека, Сплит и Кварнер.
„Преземете мерки за самозаштита. Постои ризик за личната безбедност поради откорнати дрвја, скршени гранки и летечки предмети. Се очекуваат широко распространети оштетувања на објекти, прекин на сообраќајот и прекин во снабдувањето со електрична енергија“, се наведува во соопштението на DHMZ.
Островот Паг е целосно отсечен од копното бидејќи Пашкиот мост е затворен, а во прекин се и траектната линија Призна–Жигљен, како и катамаранската линија Риека–Раб–Новаља, соопшти Хрватски автоклуб.
За камиони со приколки и влечни возила со полуприколки од правецот на внатрешноста (и обратно) кон Далмација е дозволено движење само по автопатот А1 до јазолот Свети Рок, а потоа по државните патишта кон Грачац, Книн и Кистање.
Во прекин се и бројни други траектни линии.






