Нема да има застои во постапките против полицајците за пожарот во Кочани, уверува обвинителката Андонова
Обвинителството е подготвено и нема да дозволи застои во судските постапки поврзани со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кои се обвинети полициски службеници за тешки дела против општата сигурност, изјави денеска обвинителката Спасенка Андонова по одложувањето на главната расправа против 13-те полицајци во Основниот кривичен суд Скопје
-Застои во поглед на постапувањето по сите предмети нема да има, без оглед на тоа кој се јавува како застапник на обвинението, затоа што станува збор за јавнообвинителски предмети кои се проследени до надлежниот суд. Судот е тој што понатаму ќе ја определува динамиката на постапувањето, изјави обвинителката Андонова.
Андонова потврди дека имала време да се запознае со материјалите од сите три предмети поврзани со случајот, кои ѝ беа пренесени од обвинителката Ивана Трајчева, на која не ѝ беше продолжен мандатот во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, појаснувајќи дека преземањето на предметите секогаш подразбира краток временски период за подготовка.
– Тоа е вообичаена пракса, се врши предавање на предметите, следи нивно разгледување и присуство на главната расправа – изјави таа.
Во однос на одложувањето на одредени рочишта, Андонова нагласи дека судот секогаш кога постои аргументирана причина, согласно закон, може да донесе одлука за одлагање на главната расправа.
На денешното судење против 13. полицајци беше поднесен предлог за спојување на постапката со главното судење за пожарот во Пулс, на што Андонова одговори дека ќе ѝ треба време да се запознае со поднесоците.
– Ќе ми оставите време, како што, впрочем, и судот немаше време да ги разгледа поднесоците, бидејќи беа доставени непосредно пред започнувањето на главната расправа. Истите денес ми беа врачени од страна на судот. Ќе морам детално да ги разгледам и анализирам, па потоа ќе следи произнесување по однос на истите – рече таа.
На прашањето дали и покрај тоа што никој од обвинетите тројца полицајци во другиот процес не призна вина, се уверени дека имаат цврсто обвинение, Андонова одговори потврдно.
-Обвинителството, секогаш кога поднесува обвинение, значи дека е сериозно уверено во доказите со кои располага и кои во текот на судската постапка ќе треба да бидат презентирани. Останува судот да се увери во нив и, секако, да донесе соодветна судска одлука – рече таа.
Воедно, потсети дека оваа постапка продолжи вчера со одржување главна расправа, која, според неа, течела непречено во делот на доказната постапка. Во тој предмет, како што рече, процесот е во понапредна фаза и се очекува изведените докази да овозможат навремено завршување на постапката.
Судењето против 13 полициски службеници, кои се товарат за тешки дела против општата сигурност, поврзани со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, се одложи.
Главната расправа закажана за денеска се одложи за 20 април по барање на еден од бранителите кој информирал дека истовремено имал обврска во друг притворски предмет со приоритет во Основниот суд Кочани.





