Моќ, корупција и молк – формула за пропаст

Почитувани читатели, целиот светски поредок е збунет. Лебдеат прашалници каква ќе ни биде иднината со ваква збунувачка сегашност. Перцепцијата дека не оди на добро не е само моја. Многу слични на мене така размислуваат, затоа што на високи државнички функции доаѓаат личности со непроверени, збунувачки квалификации за функцијата.

Кога моќта ја имаат во свои раце доцна е за проверки. За жал, така било низ историјата, од Нерон до денешните владетели во чии раце моќта е зло. И кога империите паѓаат, злото останува. Како ништо да не сакаме да научиме од историјата која памети дека и за време на големите империи кои го владееле светот, на власт доаѓале личности кои правеле штети, не само на сопствената држава туку и на многу други народи. Историјата го памети Нерон, римскиот император. Негoвата моќ била слична со сегашниот претседател на САД, господинот Трамп. Јавноста сигурно знае дека Римската империја, која владеела повеќе од 1.500 години, била најмоќната сила која ги контролирала териториите на Европскиот и Северно-африканскиот континент и земјите од Блискиот исток во Азија.

Императорот Нерон, запишан во историјата како налудничав владетел, бил занесен со својата лична визија дека треба да го уништи и запали тогашниот Рим, престолнина на Римската империја, со повеќе од 3 милиони жители. Целта на лудиот император била да изгради нов Рим по негов терк на нескриен луксуз.

Во тие времиња во Рим владеела беда, римската каса била празна. Императорот Нерон го запалил Рим. Пожарот бил згаснат, но биле изгорени многу жители меѓу кои и неговите родители, браќа и сестри. Неговата налудничава идеја не се реализирала, а последиците биле катастрофални.

Друга таква моќна личност бил Хитлер, креатор на Втората светска војна и човек кој имал длабокоболни, расни предрасуди. Сметал дека како Германец, роден во Австрија, е над сите останати нации во светот и треба неприкосновено да владее. Цената на ваквиот лидер ја платија повеќе од 50 милиони жртви и уништено стопанство низ регионите каде се воделе војни.

Јапонскиот цар Хирохито, токму во времето кога се водела Втората светска војна имал фикс идеја дека Јапонија треба да се шири низ целиот азиски континент, вклучувајќи ја и Индија. Жално е што денеска за јапонскиот цар Хирохито многу малку се пишува во споредба со Хитлер, бидејќи злосторствата на јапонците низ Азискиот континент биле идентични со злоделата на Хитлер во Втората светска војна.

Хитлер се самоубива, за да не биде жив предаден, а Хирохито жив се предава, но останува заборавен во очите на светската јавност.

Однесувањето на американскиот претседател Трамп внесе немир во севкупната светска јавност. Несомнено САД е доминантна империја во светот.

Историјата ќе каже, во некоја блиска иднина за местото на господинот Трамп како прв човек на САД, дали ќе биде возвеличен или осудуван за неговите постапки и дела. Како и да е, историјата се повторува, луди владетели со налудничави идеи прават далекусежни штети со долгорочни последици.

Почитувани читатели, погоре пишував за светски водечки личности кои несомнено имале големо влијание врз севкупниот цивилизациски развој.

Сакам да се вратам на нашата Македонија бидејќи и таа не е поштедена од ,,збунети” личности, поставени на високи и одговорни функции.

Деновиве во етерот се појави сериозно обвинение против актуелниот гувернер на Народна банка Славески, дека ја злоупотребил својата функција, нанесувајќи финансиска и организациона штета на самата институција, Народна банка.

Почитувани читатели, блиску 6 години водам војна за стечајот на Еуростандард банка. Убиството на банката е направено од екс-гувернерката Бежоска, за која деновиве добивме непотврдени информации дека имала целосна поддршка од господинот Славески при нејзиниот избор за функцијата гувернер.

Со малку ироничен начин ќе ја споредам важноста на Славески и господинот Трамп. Од господинот Трамп зависи мирот во светот. Од гувернерот Славески зависи дали стечајот на Еуростандард банка ќе добие виделина за правда.

Господинот Славески е единствениот човек кој може да покрене внатрешна истрага во самата Народна банка за стечајот на Еуростандард банка, која беше однесена во стечај по нечија желба. Денес фактите говорат дека се работи за убиство со умисла.

Друга личност која може да покрене истрага за стечајот на Еуростандард банка е новоизбраниот Јавен обвинител, Ненад Савески.

Ако досега Јавното обвинителство беше контролирано, еве повод да се почне истрага за злоделата врз нас, обичните граѓани во државата.

Криминалот и корупцијата не се само всадени во решавањето на партиски предмети водени во обвинителствата. И ние граѓаните имаме право на правда. Правда или фарса, зависи кој ја контролира вистината.

По моја лична перцепција, предметите Талир1 и Талир2 се ,,мали деца” во споредба со злосторот направен врз Еуростандард банка.

Порака до политичките партии на власт и опозиција: тргнете го вашето влијание од Основното јавно обвинителство и судство во Македонија! Дозволете, ние граѓаните да ја почувствуваме правдата во нашата татковина. Престанете да притискате во решавањето на предметите на ваши бивши сопартијци со криминално досие. Тоа е единствениот начин за отпочнување вистинска борба против организираниот криминал и корупција.

Народот ќе поверува во ваквата мисија на партиите, оној момент кога самите партии најнапред ќе ги осудат своите сопартијци криминалци. При селективна правда, секогаш народот ја плаќа цената.

Дали тоа ќе се случи? Гласот на граѓаните против системот, дали некој ќе го слушне? Времето ќе покаже. Јас и натаму ќе чукам на сите порти во институциите низ Македонија и ќе ја барам правдата.

 

Back to top button
Close