ММФ: Половина од светот ги зголеми воените буџети, но економските ефекти се краткотрајни

Близу половина од земјите во светот ги зголемиле воените буџети во последните години, но таквите трошоци немаат цврста основа за долгорочен економски раст, се наведува во најновиот извештај на Меѓународниот монетарен фонд.
Според анализата, зголемувањето на воените расходи може краткорочно да ја поттикне приватната потрошувачка и инвестициите и да донесе умерен раст на среден рок, главно поради акумулација на капитал и повисока продуктивност.
Сепак, овие ефекти се ограничени и по почетниот раст следува забавување, додека на долг рок се појавуваат сериозни макроекономски предизвици, како што се раст на буџетските дефицити и инфлацијата, што го поткопува економскиот раст.
ММФ анализирал податоци од 164 земји од крајот на Втората светска војна, при што утврдил дека земјите во развој бележат најголемо зголемување на воените трошоци, но позитивните ефекти траат во просек околу две и пол години.
По тој период, во преден план излегуваат проблеми како „прегревање“ на економијата, кои владите и централните банки тешко ги контролираат.
Дополнително, во периодот од 2020 до 2024 година, речиси половина од државите ги зголемиле воените буџети, додека приближно 40 проценти издвојуваат повеќе од два отсто од БДП за одбрана, наспроти 27 проценти во 2018 година.






