Иран се заканува со повлекување од примирјето и повторно го запре сообраќајот во Ормуската Теснина

Иран ја разгледува можноста за повлекување од договореното двонеделно примирје со САД поради континуираните израелски напади во Либан, објави новинската агенција „Фарс“, истакнувајќи дека во знак на протест сообраќајот низ Ормуската Теснина е повторно запрен.
Според агенцијата, само два нафтени танкери поминале низ теснината пред сообраќајот повторно да биде суспендиран. Повикувајќи се на информиран извор, „Фарс“ наведува дека Техеран ќе се повлече од договорот како одговор на израелските напади врз Хезболах, кој се смета за најважен сојузник на Иран во регионот.
Во меѓувреме, иранската влада побара од Вашингтон итно да ја појасни својата позиција во однос на договорот за прекин на огнот.
„Условите за примирје меѓу Иран и САД се јасни и експлицитни: САД мора да изберат – прекин на огнот или продолжување на војната преку Израел. Не може да ги имаат и двете“, напиша иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, во објава на социјалната мрежа „Икс“. Тој додаде дека светот е сведок на масакрите во Либан и дека одговорноста сега е кај САД, кои треба да покажат дали ќе ги исполнат своите обврски.
Иако пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф објави дека примирјето експлицитно се однесува и на Либан, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху подоцна изјави дека договорот го покрива само конфликтот меѓу САД и Иран.
И американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека прекинот на огнот не се однесува на Либан, бидејќи тоа бил одвоен онфликт.






